Dejan Maksimoviç
10 Јануари 2016•Ажурирај: 11 Јануари 2016
САРАЕВО (АА) - Европското првенство во ватерполо започнува денес во Белград. Во Арената, која специјално за овој настан поприми нов изглед, титулата европски шампион ќе ја брани домашната селекција на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Најголемата спортска сала во Белград изгледа величенствено во пресрет на стартот на натпреварот. Организаторите монтираа два базена, голем за одигрување на натпреварите и мал за загревање на играчите. Капацитетот на салата е намален на 11.000 места, со цел секој гледач да може да го види секој детал којшто се случува во водата. Но, и со овој капацитет се очекува да биде соборен рекордот по број на гледачи на некои од натпреварите на Европското првенство во ватерполо.
Организаторите базените започнаа да ги поставуваат на 27-ми декември, а завршија на 4-ти јануари. По полнењето со вода, на 8-ми јануари базените можеа да се користат. Интересно е тоа што базените по Европското првенство ќе бидат преселени во Врњачка бања, каде што Ватерполо сојузот на Србија планира да отвори тренинг центар за сите свои селекции. Исто така, ќе се користи и во туристички цели.
На Европското првенство во Србија ќе настапат 16 машки и 12 женски репрезентации. Куриозитет е тоа што сите натпревари во двете конкуренции ќе бидат одиграни во еден базен.
Најголемите конкуренти на Србија во борба за златото традиционално ќе биде Хрватска, Унгарија, Италија, Црна Гора, а во борбата за медал може да се вмешаат и Шпанија и Грција. Преостанатите селекции тешко дека би можеле да се надеваат на некој поголем резултат.
Машкиот турнир ќе го отворат денес во 09:30 часот селекциите на Шпанија и Словачка, со натпреварот од првото коло на А групата. Финалето е закажано за 23-ти јануари во 17:45 часот.
Во женска конкуренција, титулата шампион на Европа ќе ја брани Шпанија. Натпреварувањето ќе го отворат Португалија и Грција, денес во 11:00 часот, а финалето ќе се игра на 22-ри јануари во 20:15 часот.
Европското првенство во ватерполо во Белград, кое ќе се игра од 10-ти до 23-ти јануари е прво големо спортско случување оваа година.