Bojana Stojanovic
22 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
БЕЛГРАД (AA) - Саемот на автомобили „DDOR Bg Car Show 06“ и 12. Меѓународен саем на мотоцикли, на кој 306 излагачи од дваесетина земји претставуваат 34 автомобилски брендови со 41 премиера, а 73 излагачи учествуваат со 36 брендови на мотоцикли и останати моторни возила и велосипеди, се отворени денеска во Белград, јавува Anadolu agency (AA).
Оваа година саемите за автомобили и мотоцикли се одржуваат под знакот на 80-годишнината од првиот Меѓународен салон за автомобили, одржан во март 1938 година.
„Мерцедес-Бенз“ претстави модели од Х-класа, „Ауди“ модели А7 и А8, „Цитроен“ моделите C4 Кактус, C3 Еркрос и C-Елисе, Форд Фиеста и ЕкоСпорт, Тојота Корола и Ленд Крусер, а на саемот на мотоцикли „Мотопешн“ со традиционално присутните модели на производителите „БМВ“, „Харли Дејвидсон“, „Хонда“, „Јамаха“, „Сузуки“ и „Кавасаки“, за прв пат е и произведувачот „Индијанмоторсајкл“ и е-скутери.
Саемите, исто така, ставија акцент и на заштитата на животната средина преку претставување хибридни автомобили.
Отворајќи ги свечено саемите, министерот за заштита на животната средина на Србија, Горан Триван, ја истакна важноста на фактот дека некој што е министер за заштита на животната средина ги отвора овие саеми, што значи дека времето во светот се менува како и свеста на луѓето за загадувањето на животната средина.
„Фактот што Србија е поврзана со автомобилската индустрија, зборува дека не е важен само приходот. Имаме широк спектар проблеми што треба да се решат, голем дел од нив во светот се решени, а Србија има од кого да учи“, наведе Триван на Белградскиот саем.
Тој посочи дека дошло крај на практиката новите возила увезени во Србија да плаќаат еколошка такса, а половните да не плаќаат.
Триван им се заблагодари на произведувачите бидејќи покажуваат љубов кон својата земја.
„Автомобилите што во Германија се отпад не може да влегуваат во Србија, бидејќи се отпад. Отпадот не може да се увезува во Србија. Новите автомобили или половните што ги исполнуваат стандардите, се на патот кон иднината“, додаде тој.
Сите увозници подготвија поволни понуди за купувачите, a постои и замена старо за ново возило. Цените на автомобилите се најниски во последните пет години.
Најскапиот автомобил на саемот е Ламборџини хуракан од 379.000 евра, додека најевтиниот модел е Лада грант од 7.300 евра.
Саемите што се простираат во десет хали ќе траат до 28 март.