Besar Ademi
17 Март 2017•Ажурирај: 18 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Откако дененеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), поддржан од страна на членовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Движењето БЕСА и Сојузот за Албанците, ја поднесе иницијативата за продолжување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија претседавачот со конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав Трајко Вељановски соопшти дека закажал координативна средба за вторник, 21 март 2017 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Денес во Собранието на Република Македонија ми беше доставено барање од 67 пратеници за закажување на продолжение на Конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав, започната и прекината на 30 декември 2016 година. Од тие причини, а после извршените консултации со овластените претставници на политичките партии застапени во парламентот, закажав координативна средба за вторник, 21 март 2017 година, во 12 часот", се вели во соопштението потпишано од Вељаноски.
Исто така, во соопштението се додава дека на координативната средба треба да биде утврден предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата кој ќе послужи како основ за закажување на продолжение на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.
- Парламентарното мнозинство поднесе иницијатива за свикување на Собранието на Република Македонија
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), поддржан од страна на членовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Движењето БЕСА и Сојузот за Албанците, ја поднесе иницијативата за продолжување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Новото парламентарно мнозинство доставено до Собранието брои 67 пратеници, од вкупно 120 пратеници во Собранието на Република Македонија.
Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, кој ja поднесe иницијатива за продолжување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија, рече дека очекуваат од Трајко Вељаноски веднаш да свика продолжение на конститутивната седница, како што рече, во интерес на државата.
„Прв чекор кон тоа е да биде избран претседател на Собранието кој ќе го тргне и последниот неразумен аргумент на претседателот Иванов.Тој е должен да го даде мандатот за состав на владата на лидерот на СДСМ", рече Спасовски.
Инаку, иницијативата е резултат на консултациите меѓу парламентарните партии за неколку дена, по речиси 80 дена од заверката на мандатите на пратениците. Деветтиот состав на Собранието на Република Македонија беше конституиран на 30 декември минатата година, со верификација на мандатот на сите 120 пратеници од предвремените парламентарни избори на 11 декември, но беше прекинат поради неуспехот да се обезбеди парламентарно мнозинство за избор на нов претседател на Собранието.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, најпрво му го предаде мандатот за формирање на новата влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој во рок од 20 дена не успеа да формира парламентарно мнозинство, по што претседателот Иванов ги повика на консултации лидерите на политичките партии што добија места во Собранието на Република Македонија, и од нив побара докази за парламентарното мнозинство.
Иако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му го врачи на претседателот доказот дека обезбедил парламентарно мнозинство за формирање влада, претседателот Иванов по два дена го одби со образложение дека „нема да му го додели мандатот на секој оној што преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста."