САРАЕВО (AA) - Остануваме потполно посветени на нашата перспектива за пристапување во ЕУ, во која лежи нашата заедничка слободна и проспериетна иднина, порачано е во заедничката изјава на премиерите од Западен Балкан по состанокот во Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
Во продолжението на активностие по Парискиот самит за Западен Балкан од 4. јули 2016 година, шесте премиери на Западен Балкан, се состанаа денес, за, како што наведуваат, да ги потврдат своите обврски, да го разгледаат досегашниот напредок и да ги покренат подготовките за наредниот самит што ќе се одржи во Италија, во Трст на 12.јули 2017 година. На состанокот присуствуваа претставници на Италија, Европската комисија и Европската служба за надворешни работи.
Парискиот самит во 2016. година обезбеди важна мапа за понатамошно јакнење на регионалната соработка, посилно поврзување и продлабочување на интеграциите водени со јасна перспектива на придружување во ЕУ.
„Го поздравуваме фактот што Европскиот совет повторно ја потврди својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и нагласи дека ЕУ останува посветена на регионот и ангажирана на сите нивоа за да ја поддржи стабилноста и јакнењето на политичките и економските врски со регионот и внатре во него. На тој начин оваа цврста и веродостојна перспектива продолжува да ја покренува нашата трансформација и модернизација преку политичките и економските реформи. Принципот 'првин она најважното' (fundamentals first) и понатаму се наоѓа во средиштето на нашето делување во поглед на владеењето на законот, што вклучува безбедност, основни права, демократски институции и реформа на јавната администрација. Ние исто така сме еднакво фокусирани и на економскиот развој и конкурентноста, поттикнувањето на претприемништвото во регионот, забрзувањето на странските инвестиции, како и зголемување на растот и можноста за вработување“, нагласено е во закллучоците.
Ние работиме, наведуваат премиерте од Западен Балкан, заедно да се создадат нови можности за регионот, со користење на неговите потенцијали со цел натамошно зајакнување на неговиот успех.
„Не отстапуваме од нашето свечено ветување дека нема да ја попречуваме европската перспектива на нашите соседи, туку ќе ја унапредуваме и поддржуваме. Затоа изразуваме загриженост во врска со неодамнешните случаи на националистичка поларизација, кои понекогаш се случуваат по етничка линија. Ние се заложуваме за решавање на меѓусебните политички разлики во рамките на нашите демократски институции, преку активна дискусија во рамките на нашите парламенти. Помирувањето е од суштинско значење за стабилноста на нашиот регион. Во овој момент особено ја потврдуваме нашата силна посветеност за да се избегнат и надминат билатералните спорови во најкраток можен рок. Ќе ги зголемиме напорите во духот на Декларацијата од Виенскиот самит во 2015 година и Виенската конференција од април 2016 година, со цел постигнување видлив напредок во овој поглед. Берлинскиот процес и иницијативата на Западен Балкан 6 веќе поттикнаа јакнење и продлабочување на регионалната соработка. Редовните министерски состаноци обезбедија фокус и дадоа поттик на нашите реформски настојувања, особено во однос на агендата за поврзување“, се вели во заклучокот.
Агендата за поврзување претставува основа за делување во обезбедување на вистинска корист за нашите граѓани и обезбедување инфраструктура за поширока соработка во други области.
„Детално ја разгледавме реализацијата на 13 инвестициски проекти во областа на транспортното и енергетското поврзување во вкупна вредност од 825 милиони евра, вклучувајќи донации од ЕУ во износ од 303 милиони евра, кои се договорени на самитите за Западен Балкан во 2015 и 2016 година. Од наведените проекти, два веќе почнаа со реализација во текот на 2016 година, а до самитот во Трст ќе бидат започнати уште неколку. Важно е да се организираат регионални промотивни настани за овие проекти со цел на нашите граѓани да им се покаже дека агендата за поврзување е реална и дава конкретни резултати. Во процесот на подготовка за самитот во Трст во рамките на 'Инвестициската рамка за Западен Балкан' започнат е процесот на скрининг на нови проекти. Свесни сме дека изборот што се однесува на финансирањето зависат од ригорозната проценка на зрелоста и напредокот што го постигнавме во спроведувањето на реформските мерки за поврзување, со кои ќе се отвори пазарот, ќе се создадат транспарентни регулаторни рамки, ќе се подобри безбедноста и ќе се намалат трошоците за деловните субјекти и за граѓаните, како и ќе се привлечат дополнителни вложувања во областа на сообраќајот и енергијата. Зголемениот мониторинг преку редовни состаноци на министрите на земјите од Западен Балкан, врз основа на извештаи од мониторингот изработен од страна на Опсерваторијата за надгледување на сообраќајот во Југоисточна Европа и Секретаријатот на Енергетската заедница во голема мера ги олесни и ги насочи нашите активности за реформа на политиките“, се вели во заклучоците.
Ние ќе продолжиме, истакнуваат премиерите од Западен Балкан, да вложуваме напори охрабрени од новонастаниот залет. Во поглед на сообраќајот сме свесни за потребата од понатамошен напредок во подобрување на граничните преминувања и инфраструктурните објекти.
„Ние сме охрабрени од позитивниот развој на настаните во врска со финализирањето на Договорот за транспортна заедница (TCT) и нашата намера е овој договор да го потпишеме на самитот во Трст. Ние веруваме дека Западен Балкан е најдобрата локација за Секретаријатот на овој Договор. Постигнат е важен напредок во областа на енергетиката, каде што нашата цел е целосно поврзување со енергетската унија на ЕУ врз основа на 'Мапата на патот за регионален пазар на електрична енергија'. Енергетската ефикасност и развојот на обновливите извори и понатаму ќе бидат приоритетна област, кога станува збор за реформа на нашите политики“, се нагласува во заклучокот.
Со цел јакнење на потенцијалот за раст, зголемувањето на работните места и економското приближување со ЕУ, треба да се раководиме преку правилото за регионална економска интеграција. За да се обезбеди успех, неопходно е исто така да се отвори простор за иновации, активно да го стимулираме бизнисот и да ги охрабриме инвестициите и на ниво на мали и средни претпријатија.
„Сакаме да се направи решителен чекор напред во насока на создавање заеднички пазар на Западен Балкан што ќе биде отскочна даска кон единствениот пазар на ЕУ. Ова подразбира создавање Мапа на патот во која ќе биде утврдено следниво: заеднички пазар за стоки, услуги и капитал, слободен проток на квалификувана работна сила, заеднички дигитален пазар, динамичен простор за инвестирање. Разговаравме за Мапата на патот за кој Регионалнот совет за соработка (RCC) го направи концептот и побаравме да се подготви повеќегодишен акционен план за да ја обезбедиме неговата имплементација до 2020 година. Овој повеќегодишен акционен план, во кој ќе биде нагласено поттикнувањето на бизнис можностите во паметниот развој и зелениот развој, како и напредокот базиран на правилата, ќе биде подготвен навремено за негово одобрување на самитот во Трст“, се нагласува во заклучоците.
Веруваме, се додава во нив, дека младите од нашиот регион се најважните актери во нашето настојување за остварување на регионалната соработка, пријателството и помирувањето. Инаугурацијата на Регионалната канцеларија за соработка на млади (RYCO), на 8. декември во Тирана, ја покажа нашата определеност за овие цели како и подготовката на младите луѓе кои ќе ни помогнат да ги оствариме.
„Очекуваме Регионалната канцеларија да почне да работи со полн капацитет. Ние сме потполно свесни за напредокот и придобивките од едукацијата на младите државни службеници и програмите за размена кои ги спроведува ЕУ и повикуваме на Самитот во Трст да се објави продолжението на оваа програма. Предизвикот со миграциите сè уште е присутен на Западен Балкан, особено за двете земји кои се најмногу погодени. Иако обемот на предизвикот во голема мера е намален по затворањето на рутата во март минатата година, и понатаму се бележи постојан проток на луѓе кои сè уште го користат овој пат. Поради тоа ја поздравуваме континуираната определеност на ЕУ за поддршка на земјите кои се наоѓаат долж оваа рута преку Западен Балкан, која е изразена во Декларацијата на Европскиот совет од Малта во февруари. Потребно е континуирано внимание во врска со можните ризици на поделба на миграциските текови. Ја поздравуваме тесната соработка со Комисијата, со Европската гранична и крајбрежна стража и со земјите-членки во ефикасното следење, подоброто управување со границите и миграцијата преку почитување на човековите права, борбата против криумчарење на мигранти и унапредување на сместувачките капацитети за сместување на мигрантите“, се вели во заедничката изјава.
Тероризмот и радикализацијата, се наведува во соопштението, и понатаму претставува закана за самиот регион и надвор од него.
„Го поздравуваме концептот на интегрирано гранично управување со границите на Западен Балкан кое во декември 2016 година го усвои Совет на ЕУ за правосудство и внатрешни работи. Враќањето на странските борци и опасноста од создавање радикализирани 'паралелни' заедници, претставува потенцијална закана за безбедноста која се обидуваме да ја отстраниме со подобрување на спроведувањето на законите, стратегиите за борба против тероризмот и акционите планови кои имаат сè поголем фокус на превенцијата и борбата против радикализацијата. Свесни сме дека во оваа област треба да се направи повеќе и тесно ќе соработуваме со ЕУ, што подразбира и проширување на мрежата за борба против радикализација во нашиот регион и продлабочување на нашата соработка со Европол во борбата против тероризмот ", стои во соопштението.
Ние сме цврсто решени, се наведува, да ги зајакнеме напорите за спречување и борба против корупцијата во сите облици. Ќе продолжиме да работиме, стои во соопштението, на воспоставување кредибилни рамки на политиката за спречување и решавање на проблемот со корупцијата, основање на посебни институции и вложување на значајни напори за унапредување на специјализацијата во оваа област. Ќе ја зајакнеме, се истакнува, нашата соработка и очекуваме дека Самитот во Трст ќе даде поттик во оваа насока.
„Гледајќи кон иднината, сакаме да преземеме целосна одговорност за напредокот што треба да го оствариме и под водство на регионот да го донесеме Берлинскиот процес до зацртаната цел. Сметаме на поддршката од Европската Унија, која со нашите напори ќе придонесе за понатамошниот стабилен напредок кон целосно членство во европското семејство“, се нагласува во изјавата на премиерите од Западен Балкан.
news_share_descriptionsubscription_contact
