Zylfije Adem Jakupi
11 Јули 2020•Ажурирај: 11 Јули 2020
ПРИШТИНА (АА) - Граѓанскиот сектор во Косово денес го организира одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, а косовските официјални претставници испратија пораки со поддршка до бошњачкиот народ и Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, изјави дека геноцидот во Сребреница никогаш не може да се заборави, и во име на Владата на Косово и во знак на почест на жртвите од овој геноцид, побара низ цело Косово да се одржи едноминутно молчење во 13 часот. На тој повик се одзваа и присутните во Бошњачкиот културно-информативен центар во Приштина, каде што во живо се пренесуваше комеморацијата од Поточари.
Бошњачкиот културно-информативен центар, заедно со Фондот за хуманитарно право и Младинската иницијатива за човекови права, го организираа одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница.
„Тие две организации и ние сакавме да организираме три различни настани, така што се собравме сите заедно на едно место за подобро да се проследи тоа“, рече Тарик Мусиќ, менаџер на Бошњачкиот културно-информативен центар.
Тој нагласи дека Албанците сочувствуваат со болката на бошњачкиот народ. „Пред 20 години и овде имаше многу масакри и жртви, сите тоа добро го знаеме, така што имаме тука одредена заедничка историја од заедничкиот режим кој го преживеавме“, вели Мусиќ.
Меѓу присутните беше и Џенан Бачевац, жител на Приштина, тој рече дека во Косово се знае многу за геноцидот во Сребреница.
„Денес е 25-годишнина од геноцидот во Сребреница. Пред десет години бев во Сребреница, во Поточари, со татко ми и роднини од Нови Пазар, спомените се многу свежи и мислам дека тој ден никогаш нема да го заборавам“, рече Бачевац.
Фондот за хуманитарно право во Косово, Младинската иницијатива за човекови права во Косово и Бошњачкиот културно-информативен центар во Приштина се приклучија на СЕНСЕ-Центарот за транзициска правда и огранизациите од цивилниот сектор од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора во кампањата за одбележување на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница. Целта на кампањата е превенција на систематското негирање на воените злосторства извршени во Сребреница и сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.