Besar Ademi
21 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Според истражувањето на Институтот за јавно здравје на Република Македонија во врска со употребата на психоактивни супстанции и тутун кај младите во Македонија, резултатите од периодот 2015-2016 година покажуваат пад во употребата на цигарите и алкохолот, како и стагнација во употребата на поголем број нелегални дроги, но има мало зголемување на употребата на марихуаната, кокаинот и екстазите“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот се наведува дека пушењето е поприфатливо за машките ученици, отколку за женските, но постои тренд на зголемување на бројот на пушачи меѓу ученичките.
Според истражувањето, 38,4 отсто од учениците се изјасниле дека пушеле цигари во животот, а најбројна меѓу нив е групата ученици што пушеле 1-2 цигари во животот (14,7 отсто). Повеќе од 40 цигари пушеле 10,7 отсто од учениците. Во извештајот се забележува дека во споредба со претходните години, бројот на ученици што пушат се намалува, а застапеноста на пушачите паѓа од 57,6 отсто во 1999 година на 38,4 проценти во 2015 година.
„Дефинитивно можеме да истакнеме дека преземените мерки во минатото со донесување на законот за забрана на пушењето во затворени простории, како и другите прописи, на пример отворањето советувалишта за откажување од пушењето и едукација во духот на заштита на населението од тутунски производи, навистина дадоа резултати. Значи, и во ова истражување се покажува дека преваленцијата на употребата на тутунот кај младите во Македонија се намалува“, изјави докторката Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје, и додаде дека продолжувањето на овој тренд во иднина зависи од тоа дали државата ќе работи на ова поле и во следниот период.
Истражувањето вели дека секојдневно пушат 0,9 отсто од младите на возраст од 9 до 12 години, 0,6 отсто на возраст од 13 години, 2,1 отсто на возраст од 14 години и 5 отсто кај младите на возраст од 15 години.
Во однос на употребата на алкохолот, истражувањето покажува дека искуство со алкохол во животот имале 57 проценти од учениците, но тоа забележува намалување во однос на 1999 година, кога 67,9 отсто од младите луѓе пробале алкохол. Најголем процент ученици што никогаш не пробале алкохол има кај албанските ученици, 86,3 проценти, а пак најмал е процентот кај македонските ученици, од кои само 18,8 отсто никогаш не пиеле алкохол.
Истражувањето беше спроведено од страна на Институтот за јавно здравје, во соработка со центрите за јавно здравство и граѓанските организации. Ова истражување беше спроведено во 82 од вкупно 116 училишта низ целата земја, во 31 населено место, со учество на ученици од двата пола и од различни етнички структури. Вкупно учествуваа 4.739 ученици на возраст од 15-16 години, од прва и втора година во средните училишта.