Besar Ademi
21 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за локална самоуправа, во Скопје се одржа конференција на тема „Преглед на децентрализацијата: Промоција на кохерентни политики за одржлив локален развој“, која беше посветена на политичките приоритети на ова министерство и другите релевантни институции за одржлив локален развој, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на конференцијата е на владините институции и другите локални и национални фактори да им обезбеди платформа каде што тие ќе можат да дискутираат за прашања од примарно значење за децентрализацијата и системот на локалната самоуправа.
Министерката за локална самоуправа, Ширет Елези, рече дека оваа конференција нуди единствена можност за размена на мислења и искуства за новиот модел на децентрализација и локален развој во земјата, од различни перспективи на новата глобална агенда на Обединетите нации, под наслов „Трансформација на нашиот свет: Агенда за одржлив развој 2030“.
„Децентрализацијата, супсидијарноста и доброото управување на сите нивоа се од суштинско значење за спроведување на Агендата 2030. Постигнувањето на целите за одржлив развој зависи, повеќе од кога и да е, од локалните и регионалните способности за да се промовира интегриран, инклузивен и одржлив територијален развој“, истакна Елези.
Елези додаде дека преку оваа конференција имаат за цел да ги охрабрат политичарите на сите нивоа на владата да дејствуваат на стратешки начин и да им овозможат на локалните власти да бидат ефективни партнери во реализација на целите за одржлив развој.
Конференцијата е поделена во две сесии, на која ќе присуствуваат експерти од земјата и од странство, кои ќе дебатираат на теми за улогата на локалната самоуправа во планирањето на одржливиот развој.