Mehmet Hatipoğlu
09 Август 2018•Ажурирај: 10 Август 2018
АТИНА (AA) - Според последните информации, најмалку 93 лица загинале во текот на пожарите кои пред две недели ја зафатија околината на главниот грчки град, јавува Anadolu Agency (AA).
Грчкиот центар за пружање здравствена помош соопшти дека денеска починала 78-годишна жена, повредена во пожарите во регионот Мати, која во последните неколку дена престојуваше во болницата „Сисманоглио“ во Атина. Со тоа бројот на смртно настраданите во пожарите е зголемен на 93 лица.
Исто така, наведено е дека и понатаму на лекување се наоѓаат вкупно 34 лица, повредени во пожарите, меѓу кои 8-мина со потешки повреди, кои се на интензивна нега.
Од Државната противпожарна единица на Грција потврдено е дека е познат идентитетот на 81 лице настрадани во пожарите.
Грчкиот весник „Катимерини“ претходно објави дека со спроведената истрага е утврдено дека пожарот во регионот Дау го предизвикало лице кое запалило суви грани.
Весникот наведува дека е спроведена истрага и дека е подготвен извештај кој ќе биде предаден на Обвинителството. Во извештајот се наведуваат изјави на очевидците за тоа како спомнатото лице запалило гранки, по што потоа избувнал пожар. Лицето наводно се обидело да го изгасне пожарот со водата, но тој излегол од контрола.