Aldijana Hadzic
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
САРАЕВО (АА) - Во Сараево утринава продолжија протестите на граѓаните против најавената евентуална одлука на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, за измена на Изборниот закон на БиХ и Уставот на Федерацијата БиХ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според неофицијалните информации што во изминатите денови се појавиле во медиумите, тие измени би се однесувале на прераспределба на мандатите од кантоналните собранија за федералниот Дом на народи. Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) сè уште не се огласи во јавноста.
Неколку илјади граѓани се собраа вчера навечер пред зградата на Канцеларијата на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина (OHR), а протестите се продолжени и денес наутро.

Протестот го поддржаа повеќе политички партии во БиХ.
Азра Зорниќ, која упати жалба пред Европскиот суд за правда, во изјава за АА упати и порака на граѓаните.
„Мојата порака за граѓаните - да не престануваме со протести сè додека Шмит не се огласи и не каже: 'Нема ништо да наметнувам'“, рече Зорниќ. Таа ја пренесе и пораката на борците дека треба да се спротивстават на поделбите.
„Да се вратиме во институциите, државните, да се вратиме во законските текови. Сево ова што се договара и преговара вон институциите е нелегално и зад тоа граѓаните не можат и нема да застанат. Ние ќе се бориме. Ова не се протести против самиот Шмит како таков, тој одговара на членките на ПИК. Без поддршка на членките на ПИК тој не може да објави ниту една буква. Нашите протести се упатени кон Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Канада, и дел на Европската Унија (ЕУ), она десничарско крило чии лобисти стојат зад овој обид на менување на Уставот на еден ентитет и Изборен закон, а се во корист на ХДЗ, и не на ХДЗ БиХ колку на обидот на Пленковиќ да изврши агресија на БиХ со сите политички средства“, кажа Зорниќ.
На протестите е истакнат и транспарент „Пресудата Зорниќ, универзално решение за БиХ“.
„Само да се имплементира мојата пресуда. Членот 43 му е јасен и на секој лаик. Само граѓански устав, граѓанска Босна и Херцеговина, сè друго нема да помине. No passaran“, рече Зорниќ.
Меѓу насобраните граѓани е и Селвер Јахиќ, кој и вчера беше на протестите.
„Вчера бев многу позадоволен од протестите отколку денес, бидејќи беа многу повеќе луѓе. Не знам што е ова денес. Ова значи дека Босанците и Херцеговците се задоволни со она што го имаат, не сакаат да им кажат на луѓето дека се незадоволни“, рече Јахиќ.

Запрашан за мислење по повод евентуалната одлука на Шмит и измените, Јахиќ кажа дека се надева дека сепак до тоа нема да дојде.
„Што се однесува до надворешната политика, Босанците треба да разберат дека странците не ни помогнаа '90, '92 и '95, нема ни денес. Не ни требаат. Ние треба да се договориме сами“, рече Јахиќ.
Собраните граѓани извикуваа слогани „Босно те сакам“, „Не за поделбите“, а поддршка пружија и бројни минувачи.