Во Сараево се одбележува 25 Ноември, Ден на државноста на Босна и Херцеговина (БиХ), со полагање цвеќиња на повеќе спомен-обележја и свечено подигнување на државното знаме на ридот Хум, додека централниот дел од програмата ќе се одржи вечерва со свечен прием во Претседателството на БиХ, јавува Анадолу.
Одбележувањето започна утринава на ридот Хум над Сараево, каде што беше развеано знамето на Босна и Херцеговина, со интонирање на државната химна. На свечениот чин присуствуваа претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, потпретседателот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Игор Стојановиќ, градоначалникот на Сараево, Самир Авдиќ, како и други официјални лица и политичари.
Голем број делегации положија цвеќиња и им оддадоа почит на загинатите борци и жртвите на спомен-обележјето „Вечен оган“ во Ковачи и пред спомен-обележјето на убиените деца на опколено Сараево во периодот од 1992 до 1995 година.
Честитајќи им го Денот на државноста на граѓаните на Босна и Херцеговина, Беќировиќ порача дека станува збор за еден од највеличествените датуми во долгата историја на земјата, истакнувајќи дека делегатите на ЗАВНОБиХ ги направиле горди сите граѓани и народи на Босна и Херцеговина.
Почит оддадоа делегации на Претседателството на БиХ, претставници на САБНОР, вооружените сили на БиХ, Владата на Федерацијата БиХ, Сараевскиот кантон, Градот Сараево, боречките организации и здруженија, како и други институции и организации.
- Празник што обединува -
Обраќајќи им се на новинарите во Ковачи, Беќировиќ нагласи дека Денот на државноста не е празник што дискриминира или исклучува кого било, туку празник што ги обединува сите граѓани и народи на Босна и Херцеговина.
„Денот на државноста не е празник што дискриминира или исклучува кого било. Тоа е празник што обединува. И, навистина, сите граѓани и народи на Босна и Херцеговина треба да бидат горди на бесмртното дело на делегатите на Земското антифашистичко собрание за народно ослободување на Босна и Херцеговина (ЗАВНОБиХ)“, рече Беќировиќ.
Осврнувајќи се на изјавите на поединечни лидери на ентитетот Република Српска, со кои се негира континуитетот на Босна и Херцеговина, тој им порача дека треба да се соочат со вистината и да ги научат основните уставно-правни факти.
„Во Уставот на Босна и Херцеговина, во член 1, многу јасно се утврдува континуитетот на Босна и Херцеговина и јасно е наведено дека Босна и Херцеговина го продолжува своето правно постоење според меѓународното право како држава. Исто така, во член 12 во Уставот на Босна и Херцеговина јасно пишува дека Босна и Херцеговина има нов устав, но дека тој устав со амандмани го менува Уставот на Република Босна и Херцеговина“, рече Беќировиќ.
- За антифашистичкото движење -
Беќировиќ ги коментираше и тврдењата за наводно постоење на две антифашистички движења во Босна и Херцеговина за време на Втората светска војна, оценувајќи ги како невистинити.
„Тоа е очигледна невистина. Постоеше само антифашистичкото движење на Тито, кое ја обнови државноста на Босна и Херцеговина“, рече тој.
Четничкото равногорско движење го нарече фашистичко движење со геноцидна идеологија и геноцидна програма, истакнувајќи дека антифашистичкото и партизанското движење никогаш не може да се изедначат со четничкото движење.
- Денот на државноста 83 години по ЗАВНОБиХ -
Свечен прием по повод Денот на државноста на Босна и Херцеговина ќе се одржи вечерва во зградата на Претседателството на БиХ, а домаќини ќе бидат членовите на Претседателството, Даријана Филиповиќ и Денис Беќировиќ.
Централната свечена програма по повод одбележувањето на Денот на државноста ќе се одржи вечерва во Босанскиот културен центар во Сараево.
Денот на државноста на Босна и Херцеговина се одбележува на 25 ноември во знак на сеќавање на Првото заседание на Земското антифашистичко собрание за народно ослободување на Босна и Херцеговина (ЗАВНОБиХ), одржано на 25 ноември 1943 година во Мркоњиќ Град.
На тоа заседание беше обновена државноста на Босна и Херцеговина и потврдена нејзината рамноправност, а беа утврдени и индивидуалните и колективните права на граѓаните. Тогаш беше усогласено дека Босна и Херцеговина не е ниту српска, ниту хрватска, ниту муслиманска, туку и српска, и хрватска, и муслиманска.
Второто заседание на ЗАВНОБиХ се одржа кон крајот на јуни и почетокот на јули 1944 година во Сански Мост, а третото во април 1945 година во Сараево.
По повод Денот на државноста денес е неработен ден во Федерацијата БиХ, а институциите на Република Српска не го одбележуваат овој државен празник.
- Честитки од САД, Турција и други земји -
Американскиот државен секретар Марко Рубио им упати честитка на граѓаните на Босна и Херцеговина по повод 25 Ноември, Денот на државноста, со порака дека Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ.
Во пораката од Вашингтон тој особено ја нагласи важноста на мирот и стабилноста како темели за попросперитетна иднина, потврдувајќи дека САД ги ценат односите со Босна и Херцеговина и сакаат да продолжат да соработуваат со нејзините новоизбрани лидери.
„Соединетите Американски Држави ги ценат нашите силни односи и остануваат цврсто посветени на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, порача Рубио.
Тој се осврна и на општите избори одржани во октомври, истакнувајќи дека САД очекуваат да продолжат да соработуваат со политичките претставници што ги избраа граѓаните.
Честитка по повод Денот на државноста на БиХ, еден ден претходно, до Денис Беќировиќ упати и американскиот претседател Доналд Трамп, изразувајќи го, исто така, очекувањето за соработка со новите лидери во Босна и Херцеговина.
Министерството за надворешни работи на Турција и Амбасадата на Република Турција во Сараево упатија честитка преку американската платформа за социјални медиуми Х.
„Среќен Ден на државноста на Босна и Херцеговина. Ги упатуваме нашите најискрени желби до пријателскиот и братски народ на Босна и Херцеговина“, се наведува во пораката.
Досега честитки досега упатија и претседателот на Пакистан, Асиф Али Зардари, министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, како и релевантни институции и официјални лица од Молдавија, Романија, Италија, Данска и други држави и меѓународни организации.