Seyyid Emin
11 Ноември 2020•Ажурирај: 12 Ноември 2020
ЖЕЛИНО
Во рамки на проектот „Здив за иднината: Национален ден за пошумување“ спроведуван веќе две години од страна на Турција, денес во Општина Желино во Северна Македонија се засадени 250 садници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Програмата се одржа со поддршка на Амбасадата на Турција во Скопје, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија.
На оваа програма учествуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Аријанит Хоџа, амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу, координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, како и претставниците на турските организации и институции во земјата и учениците од училиштата „Маариф“ во земјата.
Турскиот амбасадор Секизќок во изјавата за медиумите рече дека во рамки на овој проект, минатата година во Турција засадиле 13,5 милиони садници, додека програмата оваа година ја реализирале и во странство, меѓу кои и во Северна Македонија, каде што, како што рече, програмата се одржала истовремено со програмата во Турција.
„Секој засадена нова садница нè потсетува дека преку заштитата на животната средина е возможна една светла иднина и ни овозможува да гледаме со надеж кон иднината“, нагласи Секизќок, упатувајќи благодарност до министерот и градоначалникот за дадената поддршка.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Хоџа, истакна дека во рамки на програмата се засадуваат садници во повеќе земји на Балканот, во Азија и Африка, меѓу кои и во Северна Македонија, каде што рече дека ќе се засадат 250 садници донирани од страна на Амбасадата на Турција во Скопје.
Хоџа рече дека меѓу Северна Македонија и Турција постои долгогодишна многу добра соработка во различни области, меѓу кои и во шумарството.
„Денес тука во Општина Желино, покрај историскиот мост што бил изграден во османлискиот период на реката Вардар, што датира од 16 век, заедно засадивме садници со кои уште еднаш го промовираме пријателството помеѓу нашите две земји и ќе дадеме придонес што може да изгледа мал, но колку и да е го подобрува животниот амбиент“, додаде министерот Хоџа.
Градоначалникот на Општина Желино, Сејдиу, истакна дека се домаќини на оваа истакната програма, упатувајќи благодарност во име на сите жители на оваа општина.
На крајот на програмата, во живо беше вклучена програмата организирана во Турција, со учество и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.