Dzihat Aliju
02 Август 2019•Ажурирај: 04 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Студенти волонтери од Турција во рамките на програмата „Размена на искуства 2019“, координирана од страна на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), се вклучија во активностите за реставрација на објекти во Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Под координација на ТИКА, а во соработка со Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB), Институцијата за кредити и студентски домови (KYK), турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (THY), Anadolu Agency (АА), Турската радио и телевизија (TRT) и Фондацијата за млади во Турција (TÜGVA), оваа година по третпат се организира програмата „Размена на искуства 2019“ во која од различни универзитети од Турција учествуваат 11 студенти на факултетите за архитектура и градежништво. Студентите волонтери, кои се вклучени во активностите што во Северна Македонија ги спроведува ТИКА, ги посетија турските институции во земјава.
Студентите се вклучија во реставрацијата на џамиите „Султан Мурат“ и „Алаџа“, што ТИКА ја спроведува во Скопје.

Мехмет Емре Ек, кој годинава дипломираше на Факултетот за градежништво при Универзитетот „Богазичи“, за АА изјави дека учеството во оваа програма претставува извонредна можност за него.
Посочувајќи дека ТИКА во Северна Македонија спроведува сериозни активности, Ек го изрази своето задоволство што е дел од еден ваков проект.
Потсетувајќи дека во рамките на реставрацијата, од раководителите за техника и архитектура добивале различни должности, Ек истакна: „Ние сме дел од програмата за размена на искуство, учествувајќи во изработување цртежи за реставрација, дел сме од активностите на фасадите, ги разгледуваме проектите во проектантската канцеларија и заедно со нив ги контролираме“.
Зборувајќи за влијанието на програмата за размена на искуства врз нивната професија во иднина, Ек рече: „Имаме можност да работиме во проектантската канцеларија, што е дел од професионалната работа во нашата професија, освен на градилиште, како се испитуваат проектите во проектантската канцеларија и како се спроведуваат на терен. Сметам дека оваа програма е многу добра, бидејќи имаме можност и двете активности истовремено да ги видиме“.
Ислам Филизфиданоглу, студент на трета година на Факултетот за архитектура при Техничкиот универзитет „Карадениз“, истакна дека во рамките на проектот има можност одблиску да ги види објектите во Северна Македонија, кои претходно биле реставрирани од страна на ТИКА.
Зборувајќи дека учествувале во реставрацијата на џамијата „Султан Мурат“, Филизфиданоглу истакна: „Тука имавме можност да учествуваме во многу различни работи што се спроведуваат при реставрација. Веќе три дена работиме на реставраторските активности. Јас со своите цртежи зедов учество во проектантската фаза. Заедно со моите колеги учестуваме во различни фази од реставрацијата, како што се моделирање, изработка на цртежи, столарија.“
Филизфиданоглу рече дека учеството во програмата „Размена на искуства 2019“ претставува извонредно искуство, истакнувајќи дека учеството во проектот на ТИКА од негов аспект е многу добра можност.
Ахмет Доган, апсолвент на Факултетот за архитектура при Универзитетот „Улудаг“, потсетувајќи за сопствениот придонес во проектите за реставрација, истакна дека тоа претставува голема шанса за него.
Доган рече дека проектите што на своите факултети ги цртале во дигитална средина, сега тука имаат можност да ги реализираат во реалност и продолжи со зборовите: „Цртежи, работа на фасади. Додека на универзитет дизајниравме нешто во виртуелна средина, сега тука добивме можност како сето тоа можеме да го реализираме во реалност“.
Студентите во рамките на проектите за реставрација работат на цртежи за декорација, фигурирање на изработените ѕидови, боење, скалирање, процес на леење бетон и други реставраторски активности.
Студентите волонтери на ТИКА пристигнаа во Северна Македонија на 29 јули, а своите активности во проектите за реставрација ги завршуваат на 3 август.