Almir Terzic
25 Септември 2024•Ажурирај: 25 Септември 2024
ЗАГРЕБ (АА) - Во Хрватска помина врвот на поплавниот бран на реката Дунав. Во исто време операциите за заштита од поплави сѐ уште се во тек во 70 подрачја во Унгарија, јавува Анадолу.
Имено, врвот на поплавниот бран на Дунав синоќа стигна до Хрватска. Водостојот на реката не порасна рекордно, но се очекува стагнација во следните неколку часа.
Последниве денови Дунав и уште неколку реки се со покачен водостој по поплавите предизвикани од циклонот „Борис“, кои зафатија делови од Централна и Источна Европа.
Томислав Новосел од водостопанската компанија „Хрватски води“ рече дека врвот на поплавниот бран стигнал во Хрватска во два по полноќ. На границата меѓу Унгарија и Хрватска, во близина на Батина на крајниот исток на земјата, нивото на водата на Дунав е измерено на 708 сантиметри.
Новосел изрази уверување дека нивото на водата сигурно нема да достигне осум метри и додаде дека во наредните часови се очекува стагнација, а потоа и благ пад.
На Дунав заштитата од поплави е подигната на повеќе од 775 сантиметри, што беше еден од највисоките водостои на оваа река во Хрватска во 2013 година.
Врвот на поплавниот бран на Дунав претходно стигна до Унгарија, а реката веќе се повлекува, соопшти денес претставник на унгарското МВР, јави унгарската новинска агенција МТИ.
Иако водостојот се намалува, акциите за заштита од поплави сѐ уште се во тек во 70 подрачја во Унгарија. Предупредувањето за поплави ќе биде во сила до сабота попладне.