Zylfije Adem Jakupi
14 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
ПРИШТИНА (АА) - Во Косово утрово се отворија избирачките места во 21 општина во кои во вториот круг од локалните избори се избираат градоначалници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во вториот круг се натпреваруваат по двајца кандидати што во првиот круг на изборите на 17 октомври ја добија најголемата поддршка од гласачите, но не освоија повеќе од 50 отсто од гласовите.
Според податоците на Централната изборна комисија на Косово, денеска право на глас имаат 1.260.571 граѓанин, што е 66,85 отсто од запишаните гласачи на ниво на цело Косово. Се гласа на 575 изборни центри со 1.638 избирачки места, што ќе бидат отворени до 19 часот.
Централната изборна комисија (ЦИК) прими 1.571 пакет со гласачки ливчиња од странство, испратени по пошта во периодот од 29 октомври до 12 ноември.
Гласањето се организира со пропишаните мерки за заштита од ширење на коронавирусот, со носење маски и почитување на физичка дистанца.
Ангажирани се 30 мобилни тимови за граѓаните заразени со коронавирусот и 80 мобилни тимови за гласање на оние што поради здравствената состојба не можат да дојдат на гласачкото место.
Петдневната предизборна кампања траеше од 8 до 12 ноември и помина со видно зголемен ангажман на партиските лидери на терен и во ТВ-соочувања.
Движењето „Самоопределување“, кое на парламентарните избори на 14 февруари годинава убедливо победи со над 50 отсто од гласовите, во првиот круг од локалните избори не освои ниту една општина. Нивните кандидати денеска се натпреваруваат во 12 општини, меѓу кои и најголемите, Приштина и Призрен, во кои на 17 октомври освоија најмногу гласови.
Кандидатите од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) се натпреваруваат во девет општини, Демократската партија на Косово (ПДК) во осум и Алијансата за иднината на Косово (ААК) во пет општини.
Гласачите повторно ќе излезат на гласање и во Ѓаковица, Глоговац, Гњилане, Драгаш, Исток, Качаник, Клина, Косово Поље, Каменица, Обилиќ, Ораховац, Подуево, Штимље, Витина, Вучитрн, Малишева, Јуник, Мамуша и Клокот.
Клокот е единствената од десетте општини со српско мнозинство во која кандидатот на Српската листа не победи во првиот круг.
Во првиот круг од локалните избори беа избрани градоначалници во 17 општини. Излезноста на гласачите во првиот круг изнесуваше 43,13 отсто.
Мандатот на градоначалниците и советниците на општинските собранија трае четири години.
Ова се седми локални избори од завршувањето на војната во Косово во 1999 година, но е петти пат како градоначалниците се избираат непосредно на избори.