Ivana Ramadanova
14 Октомври 2017•Ажурирај: 15 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со предизборниот молк кој започна на полноќ, заври и кампањата на политичките партии за локалните избори кои треба да се одржат во недела, јавува Anadolu Agency (AA).
На овогодинешните локални избори во Македонија ќе учествуваат кандидати за градоначалници и советници од 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.
Во текот на денешниот ден, своето право на глас ќе го остварат 1.882 лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, 9 внатрешно раселени лица, како и немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени, болните и немоќниоте лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор гласаат во местото каде ја издржуваат мерката куќен притвор. Гласањето почнува во 7 часот и трае до 19 часот.
Локалните избори в недела ќе се спроведат на 3.480 избирачки места во 80 општини и градот Скопје, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи.
Во изводите од избирачкиот список се запишани 1.735.682 гласачи, 77.071 избирачи се на привремена работа или престој во странство, 1.882 за време на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, а девет гласачи се запишани како внатрешно раселени лица.
Вториот круг од изборите, онаму каде што во првиот круг гласањето не завршило, ќе се одржи за две недели, на 29 октомври.
Ова се шести локални избори во Македонија - првите се одржаа во 1990 година, па во 1996, во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.