Bojana Stojanovic
11 Август 2019•Ажурирај: 13 Август 2019
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека за време на протестите против власта „Еден од пет милиони“, припадниците на обезбедувањето реагирале во согласност со законот и со примена на минимална сила, апелирајќи до полицијата и припадниците на обезбедувањето да им дозволат демонстрантите да прават што сакаат, освен да упаднат во зградата на Претседателството на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата по повод синоќешниот настан, кога демонстрантите се обидоа да влезат во зградата на Претседателството, при што еден од организаторите на протестот тврди дека бил физички нападнат од припадник на обезбедувањето на Вучиќ, српскиот претседател рече дека луѓето од обезбедувањето се припадници на војската на Србија што ја обезбедуваат зградата на Претседателството.
Тој наведе дека синоќа на протестот пред Претседателството имало помеѓу 225 и 228 лица, на негово изненадување „меѓу нив имаше многу малолетни ромски момчиња“, и дека обезбедувањето на зградата на Претседателството составено од воената полиција, реагирало без употреба на оружје и со минимална употреба на сила, со цел да ја врати толпата зад оградата.
„Тие го заштитија законот, реагираа многу благо и резултатот од повикот за упад во зградата на Претседателството се две гребнатини, еден наш припадник има една гребнатина“, рече тој.
Како што рече, тие што испраќаат деца на протести, мора да преземат одговорност.
„Ако ја прескокнуваа оградата на Белата куќа, треба да знаат дека би биле изрешетани. Во Србија тоа нема да се случи. Ја користам можноста да ги повикам припадниците на воената полиција и на специјалните сили да не го почитуваат законот стриктно, да им дозволат сè. Следниот пат да нема обезбедување, само девојки, кои ќе им кажат како да се однесуваат“, рече Вучиќ.
Toj рече дека ќе побара да се отстрани цела ограда.
„Само да не влегуваат внатре, да не се обидуваат насилно да ги заземаат институциите, тоа нема да им биде дозволено“, рече Вучиќ.
Тој нагласи дека не сака сцени од Париз, „од демократска Европа која апси луѓе“.