НОВИ САД
Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, во Нови САД потпишаа Декларација за слобода на протокот на капитал, стоки, услуги и луѓе, која предвидува до крајот на 2021 година овие три држави на Западен Балкан да се најдат во единствен систем со кој ќе се овозможи деловен амбиент, полесен транспорт на стоките и вработување, но и преминување на границите само со лична карта, јавува Anadolu Agency (AA).
Повикот да се приклучат на „малиот Шенген“, лидерите на трите држави го упатија и до преостанатите членки на Балканската шестка - БиХ, Црна Гора и Косово.
Тројцата потписници се согласни дека се работи за многу значаен документ кој економски ќе го зајакне регионот на Западен Балкан, ќе влијае на поголемиот обем на странските инвестиции, но и на меѓународен план, гласот на економски обединетиот регион ќе има поголема политичка тежина пред меѓународните институции и организации.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, порача дека четирите слободи околу кои е потпишан договорот, се темел на кој почива Европската Унија и дека државите на Западен Балкан имаат многу неискористени потенцијали.
„Оваа иницијатива е политички чекор за релаксирање на односите во регионот. Балканот повеќе не е „буре барут“, како што беше од 19 век. Ова е Балкан на 21 век, кој е насочен на мир, стабилност, економски развој, интеграции и унапредување на квалитетот на животот“, истакна Заев.
„Не смееме да бидеме заложници на историјата и бирократијата, мораме да сториме нешто за иднината на нашите деца“, порача премиерот на Албанија, Еди Рама.
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека ова е можност целиот регион да биде повеќе уважен во меѓународните односи, но и да се обезбеди значителен развој на земјите потписнички. Тој додаде дека ова е регион од 12 милиони луѓе и дека слободниот проток на стока, пари, услуги и луѓе е фундаментален за развојот на Западен Балкан.
Тој изнесе податок од Светската банка дека годишно се губат 26 милиони часа годишно на границите на регионот, во очекување на протокот на стоката. „Со овој протокол се создаваат услови за промена на таа состојба“, рече Вучиќ.
„Многумина нашиот состанок тука во Нови САД, познат по духот на толеранција, ќе го наречат револуционерен. Јас не сум подготвен да користам такви зборови, но мислам дека состанокот е од исклучително значење за нашите три земји. За Србија, несомнено“, нагласи српскиот претседател.
„Сакаме да го спуштиме нивото на невработеност на Западниот Балкан кое сега изнесува 19,1 отсто. Отворени сме за нашите партнери од Западнобалканската шестка. Но го инициравме ова, сакавме да поставиме правила и сите, се разбира, се добредојдени“, нагласи Вучиќ, повикувајќи ги надлежните во ЕУ да започнат преговори за пристап со Албанија и Северна Македонија.
Договорено е следниот состанок да биде на 10 ноември во Охрид, а еден месец подоцна во Албанија. Најавено е дека поканата ќе биде испратена до другите членки на Балканската шестка, со надеж дека политичките прашања за изборот на владите во Приштина и Сараево ќе бидат решени дотогаш.
Во текстот на Декларацијата на англиски јазик, кој е поделен на новинарите по нејзино потпишување, меѓу останатото, се констатира дека сите држави потписнички се определени за членство во ЕУ и меѓусебна помош на тој пат, и дека економската разлика меѓу шесте земји на регионот на Западен Балкан и 28-те земји членки на ЕУ е изразита, наведувајќи дека БДП во ЕУ во 2018 година бил повеќе од 100 пати поголем отколку во земјите на Западнобалканската шестка, додека невработеноста во земјите на ЕУ е трипати помала отколку на Западниот Балкан.
„Лидерите на Западен Балкан мораат да дејствуваат во правец на ново политичко и економско опкружување во регионот“, се наведува во текстот на Декларацијата, и се додава дека слободниот проток на стока, пари, услуги и луѓе низ целиот регион, за околу 20 милиони луѓе ќе овозможи единствен пазар за унапредување на стандардот на животот и подготовка на целиот регион за членство во Европската Унија во иднина.
Првиот чекор, како што се наведува, во тој правец е отстранување на граничните проверки и слободно движење во регионот што е можно побрзо, не подоцна од 2021 година.
„Луѓето ќе можат да патуваат низ целиот регион со важечки личен документ. Би требало да можат да работат каде било во регионот, доколку се квалификувани. Дипломите треба да бидат прифатени во целиот регион. Ќе ја интензивираме соработката против меѓународниот организиран криминал и подготвени сме да помогнеме едни на други во случаи како природни непогоди“, се наведува, меѓу останатото, во потпишаниот документ.