Andjelija Stojkovic
05 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот премиер Александар Вучиќ денес изјави дека нема да присуствува на прославата на Денот на Република Српска, но дека е сигурен оти на прославата ќе присуствуваат голем број министри од Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Од Владата на Србија, никој нема таква задача. Јас ќе бидам во повеќедневна посета на Индија. На седницата на Владата кажав оние што сакаат да одат, а оние што не сакаат, не мораат да одат. Сигурен сум дека ќе бидат присутни голем број министри“, изјави Вучиќ на прес-конференцијата, запрашан кој од Владата ќе оди на одбележувањето на 9. јануари.
- Вучиќ не го советувал Николиќ -
Тој изјави дека Србија мора да го чува интегритетот на БиХ, колку што ја сака и ја чува Република Српска.
„Ѝ посакувам на Република Српска добра економија, сакам Бања Лука и Сараево да имаат добри односи, нашиот народ во Република Српска да биде силен, да го сочува она што го изградив и она за коешто се борев, а за тоа секогаш ќе ја има поддршката на Србија. Имаме мошне важна обврска за зачувување на добрите односи со БиХ“, изјави Вучиќ.
На прашањето како го гледа заминувањето на претседателот на Србија, Томислав Николиќ, на прославата во Република Српска и дали би го советувале да не оди, Вучиќ изјави:
„Немам јас што да му препорачувам на претседателот, тој секогаш се однесувал одговорно и сериозно“.
И покрај тоа што Уставниот суд на БиХ го прогласи одбележувањето на 9. јануари за неуставно, Народното собрание на РС, без присуство на бошњачките пратеници, на 25 октомври минатата година, на посебна седница во Бања Лука, во итна постапка го усвои Законот за Денот на РС.
Зборувајќи за односите во регионот, Вучиќ изјави дека се зголемени активностите на разузнавачките служби во Србија, но дека ниту Србија не е послаба од останатите во разузнавачка смисла.
„Ние сакаме мир и стабилност, и затоа би ги замолил сите да ги сочуваме мирот и стабилноста. Не постои ништо поважно од нас. Не можете да носите инвеститори ако имате судири. Наше е да размислуваме за работа, а не за какво било враќање во минатото... Не треба себеси да си дозволиме на кој било начин да учествуваме во игрите што би ги нарушиле мирот и стабилноста“, изјави Вучиќ и додаде дека во Давос би требало да се состане со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, а во Белград би требало да разговара со претседателот на Советот за министри на БиХ, Денис Звиздиќ.
- Србија ќе бара испорака на Харадинај -
Вучиќ додаде дека Србија со сигурност ќе бара да биде испорачан лидерот на Алијансата за иднина на Косово и некогашен водач на Ослободителната војска на Косово, Рамуш Харадинај, кој е уапсен во Франција.
„Нормално дека ќе бараме. Имаме човек за толку дела, кои не можете да ги преброите. Нема право никој да ги руши одлуките на независното правосудство во Србија“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека е добро правото да биде над политиката и дека не би сакал Париз да го покаже спротивното.
„За мене би било нелогично Франција да не постапи во согласност со правото, туку со своите политички ставови, бидејќи тогаш би се поставило и прашањето како ние ќе постапуваме во реципрочни ситуации“, изјави Вучиќ.
Запрашан за случувањата во Сребреница, кога пред две години, на комеморацијата на жртвите на геноцидот беше нападнат, тој изјави дека не се сомнева оти нападот бил организиран, и тоа во БиХ, и додаде дека припадниците на полицијата на Србија биле во Сребреница за да го прегледаат теренот во согласност со законот и договорите што Србија ги има со Република Српска.
„Немаше никакви законски проблеми“, изјави Вучиќ.
Тој рече дека една од причините поради кои таа приказна се започнува е тоа што многумина не се среќни со резултатот од нападот во Сребреница, додека другата причина е да се направи еден вид политички притисок каков што се правеше во 1991 година.
„Тоа го прават разни политичари, тоа е нивно право и нека прават што им е волја“, изјави Вучиќ.