Furkan Abdula
13 Ноември 2018•Ажурирај: 13 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, истакна дека се наоѓа во Будимпешта каде што побарал политички азил од унгарските власти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Груевски во објава на својот официјален профил на Фејсбук напиша дека во последните неколку дена примил безброј закани по неговиот живот.
„Јас сум во Будимпешта сега, побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата за Македонија. Никогаш нема да отстапам“, додаде тој.
Полицијата во Скопје вчера почна потрага по експремиерот Никола Груевски откако тој не се јави на издржување на двегодишната затворска казна по добивање известување од Основниот суд Скопје 1 дека судски доставувач не може да го пронајде да му врачи решение веднаш да се упати во затвор. Потерницата следува откако на 9 ноември, петок, се чекаше експремиерот да се јави на издржување на затворската казна.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра. Против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела.