Kristina Maslareviç
30 Декември 2016•Ажурирај: 31 Декември 2016
БЕЛГРАД (АА) - Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека оваа година била многу успешна кога станува збор за надворешната политичка позиција на Србија, која е променета во многу работи, и дека Србија остварила напредок во сите стратешки правци на надворешната политика, јавува Anadolu Agency (АА).
„Нашите главни цели и правци се нашиот пат кон ЕУ, потоа унапредувањето и зацврстувањето на односите со нашите традиционални пријатели, кои ни помагаат во заштитата на националните и државните интереси, како што се Русија и Кина, потоа унапредувањето на односите и барање заеднички именител со значајните меѓународни фактори, со големите земји на Западот. Исто така, нашиот стратешки правец е и зацврстување на мирот и стабилноста, примирјето и довербата во нашиот регион. По сите овие линии остваривме значаен напредок“, изјави Дачиќ.
Во врска со односите во регионот, Дачиќ изјави: „Tие секако мора да бидат подобри, што и не е толку тешко, затоа што сега се лоши“.
„Такви се затоа што во Хрватска стана клише за да се биде добар Хрват треба да се биде сѐ повеќе против Србите. Тоа е една потполно погрешна политика“, истакна Дачиќ.
Кога се во прашање европските интеграции, Дачиќ изјави дека е направен напредок во европската агенда, дека се отворени четири преговарачки поглавја оваа година, а вкупно шест, додека привремено е затворено едно. Исто така тој додаде дека Србија очекува во првата половина од следната година да го отвори и поглавјето 26, како и некои други, како поглавјата 20 и 29.
„Не сме задоволни со брзината со која се отвораат одредени поглавја, бидејќи тоа е голем напор за Србија, нејзината посветеност кон европските интеграции, потоа високото ниво на професионални квалитети и нашата подготвеност за отворање на речиси сите поглавја. Мислам дека не можеме да бидеме задоволни од тоа што за отворање на поглавјата секогаш се наоѓаат некои изговори“, изјави тој.
Тој додаде дека изговорите се пронаоѓаат и во тоа да се поврзе Бриселскиот договор со европските интерации, додека Србија за неспроведување на најважниот дел од договорот, формирање на заедниците на српските општини, нема никаква вина.
„Освен тоа, имаме и една злоупотреба на една од членките на ЕУ, а тоа е нашиот сосед, Хрватска, која апсолутно неаргументирано, без никакви оправдувања и причини неколкупати го блокираше отворањето на некои поглавја, иако посебна работа во европските преговори е билатералните прашања да не се поставуваат како проблем во европските преговори“, истакна тој.
Дачиќ во заклучокот вели дека Србија е подготвена и дека сака да оди по европскиот пат, но дека другата страна на Србија нема да дозволи понижувања, ниту какви било условувања кои би биле во спротивност со националните и државните интереси.