Elena Trenchevska Chekovikj
20 Март 2025•Ажурирај: 20 Март 2025
СКОПЈЕ (АА) – Погребните церемонии на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани ќе се одржат денес на градските гробишта во Кочани, но и во други градови низ Северна Македонија, јавува Анадолу.
Во трагедијата што се случи рано утрото во неделата загинаа 59 лица, а над 170 се повредени.
Погребната церемонија во Кочани, од каде што има најмногу загинати, ќе се одржи денес во 12 часот, каде што, според информациите, ќе бидат погребани триесетина лица.
Погреби ќе се одржат и во Штип, Скопје, Струмица, Пробиштип и Облешево.
Граѓаните на Штип ќе се простат од петмина сограѓани, меѓу кои двајца членови на бендот што настапуваше во дискотеката. Во Пробиштип ќе бидат погребани тројца загинати, а во Скопје и Струмица ќе бидат одржани погребни церемонии за тројца членови на бендот.
Ноќниот клуб, во кој избувна пожарот, е утврдено дека работел без валидна лиценца.
Според надлежните, истрагата за пожарот е проширена и досега се опфатени вкупно 26 лица, за што министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека не е конечен број.
Во Северна Македонија е прогласена седумдневна жалост.