Aida Cako
18 Август 2025•Ажурирај: 19 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) – Со централна свеченост во касарната „Јане Сандански“ во Штип денес беше одбележан Денот на Армијата на Република Северна Македонија и 33-годишнината од нејзиното формирање, јавува Анадолу.
На свеченоста присуствуваа претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Влатко Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и високи државни и воени претставници.
Во своето обраќање Сиљановска-Давкова истакна дека повеќе од три децении Армијата ја пишува својата историја како бранител на татковината.
„Нашата Армија е столб на мирот и стабилноста, од придонесот во мировната мисија УНИФИЛ до ангажманот во мисијата КФОР, каде што во ноември 2020 година македонските мировници го достигнаа највисокото ниво на НАТО-одговорност. Денес над 180 армиски припадници под македонско знаме се вклучени во мировни мисии и операции“, истакна претседателката.
Министерот Мисајловски пред присутните им се заблагодари на сите жени и мажи во униформа, сите вработени во одбраната што имаат свој придонес во развојот на Армијата која е „организирана, високо професионална, исклучително почитувана.“
„Македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и модернизира и многу важно – таа се подмладува и пополнува. Тоа е гарант дека нашата сила и способност да бидеме темел на државата денес, ќе биде реалност и во иднина“, заклучи Мисајловски.
Во меѓувреме, генерал-мајорот Лафчиски изјави: „Армијата отсекогаш била еден од најважните столбови на државата, таа е симбол на извонредност и професионализам“, нагласувајќи ја довербата што Армијата постојано ја ужива кај граѓаните.
Во рамките на свеченоста претседателката Сиљановска-Давкова го одликуваше Центарот за обука на питомци и офицери со Орден за воени заслуги.