Zylfije Adem Jakupi
19 Октомври 2021•Ажурирај: 20 Октомври 2021
ПРИШТИНА
Локалните избори во Косово на 17 октомври добро се организирани и во текот на кампањата се испочитувани основните слободи, наведоа во својот прелиминарен извештај членовите на Изборната набљудувачка мисија на Европската Унија (ЕУ ЕОМ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на Набљудувачката мисија, Лукас Мандл, член на Европскиот парламент, на конференцијата за новинари кажа дека имало конкуренција помеѓу кандидатите, што на гласачите им понудило вистински избор, освен во општините со мнозинство српско население во кои конкуренцијата била ограничена.
„Видовме дека Српската листа го монополизирала политичкиот живот на српската заедница, a бројните европски набљудувачки организации кажуваат дека се чести случаите на заплашување и притисок од страна на кандидатите на Српската листа и нивните активисти“, рече Мандл.
Тој истакна дека на денот на изборите европските набљудувачи посетиле околу 400 гласачки места и дека мирното и уредно гласање е оценето позитивно, но дека е забележен значаен број случаи на помагање при гласање, додека правилото за истечени лични карти не е доследно применето.
Пребројувањето на гласовите добило пониска оценка од оценката за гласањето, поради недоследности во следењето на процедурата. Некои правила за гласање надвор од Косово и за регистрацијата на гласачи, сè уште не се јасни.
Тој истакна дека родната квота од 30 проценти на листите е испочитувана, но малку жени се кандидирале за градоначалнички.
Виола фон Крамон-Таубадел, шеф на делегацијата на Европскиот парламент, им се заблагодари на гласачите на Косово што на демократски начин ја изразиле својата политичка волја. Таа исто така им честиташе на сите кандидати и субјекти на однесувањето, оценувајќи дека Косово денес е повеќе од пример за плурализам.
„Овие општински избори покажаа дека Косово е вистинска демократија со вистинска дебата помеѓу кандидатите и политичките партии кои предлагаат алтернативни политики. И покрај изборната конкуренција, поголемиот дел од политичките партии, со неколку исклучоци, се испочитувале една со друга и немале запалива реторика“, рече Фон Крамон-Таубадел.
Таа им честиташе на сите жени кандидати, од кои во првиот круг се избрани само две градоначалнички, додека една ќе се натпреварува во вториот круг.
Извештаите на европските набљудувачи укажуваат дека финансирањето на кампањите не било транспарентно и дека онлајн кампањата била пожива од традиционалната. Забележано е и кршење на изборниот молк на социјалните мрежи.
Долгорочните недостатоци во рамките на законот останаа нерешени, вклучително и речиси сите поранешни препораки на ЕУ.
Медиумите слободно ги проследија изборите, а јавниот сервис РТК и неколку приватни канали имаа сеопфатни дебати.
ЕУ ЕОМ ги следеше изборите низ Косово со повеќе од 100 набљудувачи од државите членки на ЕУ, како и Норвешка и Шведска.
Тие ќе го следат и вториот круг од изборите за градоначалници на 14 ноември. Конечниот извештај ќе биде објавен на почетокот на наредната година.