Zülfiya Yakup
24 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Изборната набљудувачка мисија на ЕУ ги оцени позитивно локалните избори во Косово, кои поминаа мирно и без инциденти, но воочени се две „изданија“ на изборите, едно во албанските, а друго во српските средини, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на изборната набљудувачка мисија на ЕУ, Алојз Петерле, на прес-конференција ги изнесе првичните наоди во врска со локалните избори одржани во неделата, на 22 октомври, и нагласи дека биле подобри и потранспарентно организирани отколку минатите од 2013 година.
Тој нагласи дека изборите во општините со мнозинско албанско население биле навистина конкурентни и со мирна кампања, а пак во српските средини била забележани заплашување кај оние што не беа со Српската листа.
„Нашата мисија процени дека кампањата во поголемиот дел од српските општини беше проследена со заплашување, особено цел беа политичките субјекти и кандидатите кои не беа од редовите на Српската листа. Ова вклучуваше притисок на одредени кандидати да се откажат, и со тоа се ограничи политичката конкурентност и се поставува прашањето за клучните принципи на демократскиот процес во тие области, кои не исполнија одредени стандарди за демократски избори“, изјави Петерле.
Иако изборниот ден протече мирно, Петерле изнесе и одредени помали неправилности што беа забележани од страна на европските набљудувачи, кои посетија 466 гласачки места во 38 косовски општини.
„Постоечките слабости на изборниот процес не беа соодветно решени. Меѓу останатото, оние што се однесуваат на регистарот и на регистрираните гласачи, системот што се однесува на гласањето и на гласачите надвор од Косово, финансирањето на кампањите и уредувањето на спонзорираните програми на ТВ“, изјави Петерле.
Исто така, воочено е семејно гласање, некои гласачи се одбиени бидејќи не биле во гласачкиот список.
Препорачано е да се коригираат гласачките списоци и мртвите да се отстранат од списоците. Истовремено, оценето е дека ефектот на службениците на гласачките места бил влошен кога дошло до процесот на пребројување.
Изборната набљудувачка мисија на ЕУ на изборниот ден распореди над 100 набљудувачи во цело Косово, а ќе остане во Косово и за да го следи и процесот на пребројување на гласовите во Центарот за пребројување и за резултатите, како и за решавање на жалбите и приговорите, сѐ до потврдувањето на конечните резултати.