Merve Yıldızalp
07 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
БЕЛГРАД (AA) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Белград изјави дека односите на неговата земја со Срибја се на историски високо ниво, оценувајќи ги денешните состаноци како исклучително продуктивни, јавува Anadolu Agency (AA).
„Посетата на Србија е многу продуктивна и би сакал да им се заблагодарам на нашите домаќини на тоа", рече Ердоган потсетувајќи дека денес се потпишани девет меѓудржавни договори за соработка кои се показател на исклучително добрите односи на Србија и Турција.
„Односите на Турција и Србија во областите на политиката, трговијата, економијата и културата и понатаму ќе се развиваат, а 2019 година е година во која ја одбележуваме 140 годишнината од дипломатските односи на нашите земји", потсети Ердоган и додаде дека потпишаните договори за соработка и понатаму ќе ги зајакнуваат односите на овие земји.
Турските стопанственици, како што рече Ердоган, секој ден се повеќе и повеќе инвестираат во Србија, а најави и отворање на уште шест фабрики во разни сектори и поставување камен темелец за уште една фабрика.
Според него, турските инвестиции во Србија од милон долари, зголемени се на 200 милиони долари.
Во областа на трговската размена, како што рече Ердоган, целта е да се достигне обем на размена во висина од пет милијарди долари на долгорочен план.
Ердоган на заедничката прес-конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави отворање на Генерален конзулат на Република Турција во Нови Пазар, кажувајќи дека од српската страна, во врска со тоа, денес добиле позитивен одговор.
Претседателот на Турција ѝ заблагодари на Србија за поддршката која ја пружи на неговата земја во борбата против терористичката организација ФЕТО, која стои зад крвавиот обид за државен удар на 15 јули 2016 година.
Ердоган нагласи дека Турција вложува напори кои имаат за цел просперитетен и стабилен Балкан.
Турскиот претседател порача и дека земјите во регионот треба да ги остават недоразбирањата зад себе и да тргнат по патот на соработката, напоменувајќи дека утре ќе биде одржан трилатералниот самит на Турција, Србија и Босна и Херцеговина.
По самитот, како што потсети Ердоган, ќе присуствува на церемонијата на која ќе биде поставен камен темелник за изградба на автопатот Белград-Сараево во Сремска Рача, а проектот на автопатот го нарече „мост на мирот".
Земјите од регионот, како што рече, ги сочинуваат темелите на мирот и соработката во регионот.
„На човештвото повеќе не му требаат судири, на човештвото му е потребен мир", рече Ердоган.
По повод 140 годишнина од дипломатските односи раземенети се посебни изданија на поштенските марки кои ќе бидат пуштени во промет по овој повод.
Во пресрет на прес-конференцијата потпишани се девет договори за соработка помеѓу Турција и Србија во областите на безбедноста, социјалната грижа, индустријата, информациските технологии, науката и технологијата и воените прашања.