Abdula Berisha
25 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Шефот на делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, амбасадорот Самуел Жбогар, преку социјалните мрежи информираше за помошта што Северна Македонија ќе ја добие од ЕУ во борбата против новиот тип коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (AA).
Жбогар најави вкупно 66 милиони евра, и тоа 4 милиони за непосредни потреби, 50 милиони за социоекономско закрепнување, 9 милиони за приватниот сектор и 3 милиони за директна поддршка во буџетот.
„Сите сме заедно во борбата против овој суров вирус“, напиша Жбогар, наведувајќи ја најавената поддршка на ЕУ за Северна Македонија.
Потсетуваме дека министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ, преку видеоконференција што се одржа вчера, постигнаа политички договор за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
Според последните податоци објавени од Министерството за здравство на Северна Македонија, вкупниот број на пациенти дијагностицирани со Ковид-19 е 177 лица, од кои една пациентка е излекувана, а двајца починаа.