Bojana Stojanovic
25 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, и министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушолгу, разговараа телефонски за актуелната ситуација во врска со коронавирусот и мерките што нивните земји ги преземаат во борбата против пандемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Чавушоглу му се заблагодари на Дачиќ затоа што Србија со авион, што утринава го прати во Турција по своите државјани, превезла до Истанбул околу 150 турски државјани кои сакале да се вратат дома.
„Ова е уште еден доказ за солидарност во тешките времиња, што ја докажува блискоста на нашите народи и нашите држави, која додатно е зајакната и со добриот однос на претседателот Ердоган и претседателот Вучиќ“, навел тој, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија.
„Во знак на благодарност Турција со авионот што ги враќа нашите државјани ќе испрати 500 тест-китови за тестирање на Ковид-19", се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Србија.
Министрите изразија надеж дека земјите наскоро ќе ја победат оваа болест и успешно ќе ја пребродат кризата што ја предизвика пандемијата во целиот свет.