Admir Fazlagic
31 Мај 2018•Ажурирај: 01 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Блиску сме до можно решение на овој процес“, изјави денеска премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање за разговорите за спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев денеска присуствува во Собранието на Република Македонија на седицата за поставување пратенички прашања.
„Според мене, блиску сме до можно решение на овој процес и верувам дека треба да бидеме внимателни до самиот крај. Јас се трудам да информирам комплетно сè дотаму до каде не би го загрозил процесот. Верувам дека тоа го прави и грчката страна. Се трудиме навистина да привршиме во соодветен момент за тоа да влијае на Советот на ЕУ, на 28 и на 29 јуни, а секако и на автоматската покана за НАТО“, рече премиерот.
Пратеничката од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Лијлана Кузмановска, го праша премиерот зошто беше одбиен предлогот „Република Илинденска Македонија“ и дали има гаранција дека доколку се прифати промена на името дека Македонија ќе добие датум за преговори.
„За да го соопштиме дома решението Република Илинденска Македонија прво јас и премиерот Ципрас заклучивме дека ова е вредно да го провериме дома. Значи дотолку сме биле усогласени да можеме да влеземе дома и тоа да го провериме. За жал, не помина во Грција, но за жал беше одбиено и овде од опозицијата“, рече Заев во својот одговор.
Премиерот Заев посочи дека шансите Македонија да добие датум за преговори се огромни доколку прашањето за името е затворено.
„Апсолутно е повеќе од јасно дека поголеми се шансите на Македонија, односно се огромни, до целосно добивање на датум за преговори ако е решен проблемот со името, отколку самите шанси што ги имаме без решен проблем на името“, истакна Заев.