Edıta Zekjırovıkj
21 Мај 2022•Ажурирај: 22 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во пресрет на Светското првенство на ФИФА (FIFA World Cup), златниот трофеј, што се доделува на победникот на првенството, пристигна во Скопје, заедно со бразилската фудбалска легенда, Жилберто Силва, јавува Агенција Анадолија.
Трофејот беше пречекан во Скопје од страна на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Фудбалската федерација на Северна Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, директорот за корпоративни политики и одржливост во Пивара Скопје, Ламбро Патче, и генералниот менаџер за франшиза на компанијата Кока-Кола, Лука Сантандреа.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и бразилската фудбалска легенда, воедно и амбасадор на ФИФА, Жилберто Силва, заедно го открија златниот трофеј на Светското првенство на ФИФА.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за пружената чест Северна Македонија да се најде помеѓу неколкуте земји кои ќе го угостат овој трофеј.
„Некој ден, наскоро во иднината наместо претседателот на државата да го допира и да го има во раце овој трофеј, капитенот на македонската фудбалска репрезентација ќе го крене високо и ќе го имаме ние подоцна како реплика за стално во просториите на Фудбалската федерација на Македонија. Јас верувам дека тоа не е недостижно и дека тој ден не е далеку, како што сега во моментот ни се чини“, вели претседателот Пендаровски.
Амбасадорот на ФИФА, Жилберто Силва, вели дека е задоволство што е во Северна Македонија и дека верува оти нивната посета со златниот трофеј ќе ги инспирира следните генерации да постигнат големи успеси во фудбалот.
„Кога зборуваме за Светско првенство и овој трофеј, ние зборуваме за соништата, за верувањата, зборуваме за инспирација, а тоа е наша должност во фудбалот. Да ги инспирираме луѓето, да направиме луѓето да веруваат дека можат подобро, дека можат да бидат подобри, не само во спортот туку и во животот“, вели амбасадорот на ФИФА, Жилберто Силва.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, рече дека му е особено драго што македонската репрезентација имаше неверојатно фудбалско доживување и што беше многу блиску до пласман на Светското првенство во Катар.

„Моментите на фудбалската еуфорија на нашата држава ќе ги паметиме целиот живот. А ова нека биде само поттик да се обидеме да обезбедиме пласман на Мундијалот и вистински да се бориме за овој трофеј“, рече претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Амбасадорот на ФИФА, Жилберто Силва, на претседателот Стево Пендаровски му подари симболичен примерок од трофејот на Светското првенство на ФИФА.
За првпат во македонската фудбалска историја, Северна Македонија е дел од петтата турнеја на Светското првенство на ФИФА (FIFA World Cup) трофејот, организирана од Кока-Кола (Coca-Cola).
Првенството во Катар е предвидено да почне на 21 ноември и ќе трае до 18 декември оваа година.