Shpetim Hiseni
18 Ноември 2026•Ажурирано: 18 Ноември 2026
Уставните судови на шест балкански земји едногласно ја усвоија Охридската декларација за зајакнување на независноста, транспарентноста и ефикасноста на уставните судови, на четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови (BCCF), што се одржа од 12 до 14 ноември во Охрид, соопшти Уставниот суд на Северна Македонија, пренесува Анадолу.
Декларацијата беше усвоена од претставниците на уставните судови на Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Косово, Црна Гора и Турција. На состанокот учествуваа и претставници на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој има статус на набљудувач, како и претставници на судски институции и меѓународни организации од Европа, Азија и Африка.
Документот ги утврдува заедничките насоки за зајакнување на независноста и непристрасноста на уставните судии, зголемување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста, како и навремено одлучување во разумен рок. Судовите се обврзаа и на подобро информирање на граѓаните за судските одлуки и примена на дигитални системи за поефикасно управување со предметите.
Посебно внимание во Декларацијата е посветено на примената на вештачката интелигенција во уставното судство. Новите технологии можат да придонесат за поефикасна обработка на предметите, но не смеат да ја заменат независната судска анализа, правното расудување и одлучувањето на уставните судии.
Во рамки на состанокот се одржа и меѓународна конференција на тема „Современи предизвици за владеењето на правото: Улогата на уставните судови“, на која преку три работни сесии дискутираа повеќе од 20 домашни и странски говорници. На отворањето се обратија, меѓу другите, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, и министерот за правда, Јетон Шасивари.
Уставниот суд на Црна Гора ќе го преземе претседавањето со Форумот во 2027 година, а петтиот годишен состанок ќе се одржи во мај следната година во Црна Гора.