Admir Fazlagic
26 Април 2017•Ажурирај: 27 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во интервју за унгарската државна телевизија МТВА изјави дека се додека не бидат отстранети правната и политичката пречка не може да го додели мандатот за составување на владата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот Иванов, постои правен и политички проблем за определување мандат за состав на влада.
„Мнозинството беше обезбедено со уцена - да биде прифатена платформа на партии на Албанците од Македонија која е донесена во Тирана, во кабинетот на премиерот на Албанија. Тоа согласно нашиот Устав и согласно нашите закони е доведување на Македонија во подредена состојба и зависност на друга држава. Тоа е и казниво дело, но и се коси со заклетвата која сум ја дал кога сум ја презел функцијата Претседател, бидејќи јас не само што совесно и чесно треба да ја вршам функцијата Претседател, да го штитам Уставот и законите, јас сум одговорен за сувереноста, територијалниот интегритет и независноста на Македонија", вели во интервјуто претседателот Иванов
Според него, доколку даде мандат на некого што прифатил платформа на туѓа држава ќе биде доведена во прашање независноста на државата. Македонскиот претседател рече дека неговата одлука е превентивна, со цел да не се создадат уште поголеми проблеми.
Претседателот Иванов, во интервјуто рече дека и поради забавување на европеизацијата во регионот, повторно се јавија „големо националистички проекти".
- „Сорос стои позади палењето на Народната канцеларија"
Во интервјуто за унгарската државна телевизија, Иванов се осврнал и на работата и активностите на одредени невладини организации кои делуваат во Република Македонија и имаат свое влијание. Во тој контекст, претседателот Иванов вели дека Република Македонија е жртва на октроирано цивилно општество кое го октроираат странски цивилни фондации и кои ги креираат активностите на невладините актери, не според интересите и потребите на граѓаните.
„Видовме дека средства од американските државјани, од даночните обврзници на САД, се префрлани во фондацијата која го носи името на Сорос и се користеле дури и за насилни акции. Една од нив беше и палењето на Народната канцеларија. И без грижа на совест тие тврдат дека тоа било протест, односно начин на делување на таквите организации", изјави Иванов говорејќи за улогата на Сорос во Македонија.
Тој додаде дека има и многу невладини организации кои ги отвораат прашањата, проблемите и предизвиците со кое се соочува населението. „Од нив имаат корист и населението и Владата и сите, затоа што се совест на општеството, и укажуваат што и како треба да се прави", изјави македонскиот претседател.
- Унгарија е пријател на Македонија
Говорејќи за билатералните односи помеѓу Република Македонија и Унгарија, претседателот Иванов рече дека Унгарија е вистински пријател на Македонија.
„Унгарија е вистински пријател на Македонија. Имаме извонредни политички односи и меѓу двете земји нема отворени прашања", оцени Иванов.
„Кога беше Унгарија претседавач со Европската унија таа создаде еден поширок круг пријатели, поддржувачи на Македонија. И тоа ние никогаш нема да го заборавиме, затоа што тогаш имавме кој да го каже нашиот глас во Брисел", изјави тој.
Македонскиот претседател во интервјуто изразил благодарност до Унгарија, особено до премиерот Виктор Орбан за поддршката што и ја даде на Македонија за време на бегалската криза.