Furkan Abdula
01 Март 2023•Ажурирај: 01 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска одржа средба со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, средбата на двајцата премиери е одржана на маргините на Економскиот форум кој се одржува во Скопје, една од најголемите регионални средби, во организација на Економскиот форум од Делфи, Грција, и на Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.
На средбата, двајцата премиери разговараа за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора, за кои заеднички е констатирано дека се во континуитет пријателски и без отворени прашања.
„Ковачевски и Абазовиќ разменија мислења околу понатамошното продлабочување на досегашната соработка, базирана на традиционално пријателство и силно стратешко партнерство. Во таа насока, се планира детектирање на области каде што има простор за јакнење на билатералната соработка“, се вели во соопштението.
Воедно, разговарано е и за можностите за продлабочување на економската соработка во повеќе сектори, за трговската размена и за заеднички настап на трети пазари.
Премиерите на Северна Македонија и Црна Гора, ја потенцираа и успешната соработка во рамките на НАТО.
Ковачевски му честита на Абазовиќ за успешното претседавање на Црна Гора со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, за што беа пренесени искуства пред претстојното преземање на претседателството од страна на Северна Македонија во јули 2023 година.