Furkan Abdula
01 Март 2023•Ажурирај: 01 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска на маргините на Економскиот форум кој се одржува во Скопје, одржа средба со косовскиот премиер, Албин Курти, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, на средбата се дискутирало за повеќе теми, меѓу кои се напредокот на заемната соработка, како и идните чекори за подобрување на билатералните односи меѓу двете земји.
Ковачевски му пренел на Курти дека Северна Македонија ги поддржува евроатлантските аспирации на Косово и е подготвена за давање придонес во таа насока, како и дека активно го поддржува учеството на Косово во различни регионални формати на соработка.
„Премиерот, исто така, го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на ЕУ-предлогот за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, со што ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот, не само на двете земји, туку и на регионот во целост“, се вели во соопштението.
Ковачевски нагласил дека отворените прашања треба да се решаваат низ дијалог и ја истакнал подготвеноста на Северна Македонија во својство на претседавач со ОБСЕ да го помогне процесот, особено во фазата на имплементација на одредени делови од евентуалниот договор.
Двајцата премиери заеднички го констатирале задоволството од нивото на економска соработка, а станало збор и за можностите за реализација на заеднички проекти во различни области.