Zylfije Adem Jakupi
02 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Октомври 2021
ПРИШТИНА (АА) - Специјалните единици на косовската полиција се повлекоа од патот кон Граничниот премин „Јариње“ меѓу Косово и Србија, откако локалните Срби ги тргнаа шаторите во кои седеа за време на протестот поради воспоставувањето реципроцитет за табличките од 20 септември, јавува Агенција Анадолија (АА).
По специјалните сили, и локалните Срби почнаа да се разотидуваат. Тие со извиците „Србија, Србија“ ги испратија специјалците. Со тоа е завршен процесот на отстранување на барикадите. Со тоа се комплетира процесот на отстранување на блокадите и повлекувањето на косовските специјални сили, што е договорено во Брисел.
Граничните премини на северот на Косово, Јариње и Брњак, би требало да бидат пуштени за сообраќање на возила во понеделник, кога ќе започне договорениот режим со користење налепници.
Претходно, по повеќе од еден час преговори, локалните Срби го отстранија и последниот спорен камион со транспарент „Добре дојдовте во Заедницата на српски општини“, што се наоѓаше покрај патот кон Граничниот премин „Јариње“ меѓу Косово и Србија.
Претходно денеска, околу 12 часот, беа отстранети камионите што беа паркирани на едната коловозна лента. Меѓутоа, полицијата инсистираше да се отстрани и последниот камион за да може и тие да се повлечат од патот.
Сето тоа време, на местото беа присутни и војниците на КФОР кои се задолжени за осигурување на мирот и безбедноста, а подрачјето го надлетуваа хеликоптери.
Според договорот меѓу Приштина и Белград постигнат во четвртокот во Брисел, КФОР ќе остане на граничните премини во северниот дел на Косово, Јариње и Брњак, околу две недели. Крајниот рок за повлекување на двете страни беше денеска до 16 часот.
Според договорот постигнат со посредство на Европската Унија, во понеделник ќе започне примената на режимот со налепници од двете страни на границата, односно со налепниците ќе се покриваат државните симболи на регистарските таблички и на Косово и на Србија.