Alma Dekovic
01 Август 2022•Ажурирај: 01 Август 2022
ЗВЕЧАНЕ (АА) - Во местото Рударе кај Звечане, на магистралниот пат кон граничниот премин Јариње на северот на Косово утринава се забележани блокади на патот, но ситуацијата е мирна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Десетици камиони полни со песок го блокираа магистралниот пат Митровица - Лепосавиќ, кон преминот Јариње.
Покрај блокадата нема голем број луѓе, ниту полиција. На патот кон Јариње утринава немаше патроли на КФОР, освен повремено хеликоптерско прелетување на теренот.
Локалното население тргнува на работа, преминувајќи го пеш делот кој е блокиран.
Ситуацијата на северот на Косово и во градот Митровица утринава е мирна по одлуката на Владата на Косово да го одложи почетокот на примената на одлуката за реципроцитет на српски документи.
На главниот мост што го дели градот на северен, мнозински српски и јужен, мнозински албански дел, се гледаат само два џипа на КФОР и италијанските карабинери. Косовската полиција не е присутна.
Според последното соопштение на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, на полноќ започна примената за издавање на влезно-излезни документи за лица кои влегуваат во Косово со српски лични карти, на сите премини освен Јариње и Брњак на северот на Косово, кои сè уште се затворени.
Според одлуката на Владата на Косово, мерките за реципроцитет ќе бидат одложени кога „нелегалните српски структури ќе ги отстранат сите барикади и ќе овозможат слобода на движење кон премините Јариње и Брњак“.
„Оваа одлука ќе се спроведува откако ќе се отстранат сите барикади и не се обезбеди слобода на движење на граѓаните и стоката. Во моментот на отстранување на барикадите и препреките одлуката ќе биде одложена до 1 септември“, наведе Свечла.
Одлуката за одложување на примената на реципроцитетот дојде по низа консултации и средби на косовскиот државен врв со меѓународни претставници, особено со американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховенир.