Zylfije Adem Jakupi
01 Август 2022•Ажурирај: 01 Август 2022
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово ќе го одложи почетокот на примената на мерката реципроцитет на српските документи од 1 август за 1 септември доколку се отстранат сите пречки на патиштата и се овозможи слобода на движење на северот на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Владата на Република Косово најостро го осудува денешното блокирање на патиштата на северот на Косово и пукањето на тамошни вооружени лица од илегалните структури.
„Станува збор за тенденција за дестабилизација на Косово и загрозување на мирот и безбедноста на граѓаните и нашата земја. Попладнево и вечерва имаше бројни агресивни акти поттикнати и подготвени од официјален Белград“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.
Премиерот Албин Курти заедно со претседателката Вјоса Османи и вицепремиерите Бесник Бислими и Доника Гервала Шварц остварија контакти и состаноци со американски и европски меѓународни фактори.
„Во оваа прилика Владата на Косово се обврза да го одложи спроведувањето на две одлуки од 29 јуни 2022 година за 1 септември 2022 година, а од 1 август 2022 година ќе бидат отстранети сите барикади и ќе биде воспоставена целосна слобода на движење на сите патишта на северот на Косово“, се соопштува.
„Им благодариме на меѓународните партнери, особено на американскиот амбасадор Џефри Ховенир, за нивното ангажирање и придонес“, се додава.