Zülfiya Yakup
28 Мај 2018•Ажурирај: 29 Мај 2018
ПРИШТИНА (AA) – Градењето на тунелот помеѓу Пеќ и Рожаје и укинување на наплатата на граничното осигурување помеѓу Косово и Црна Гора, се главните прашања за кои е разговарано на состанокот на делегациите на двете земји кои ги предводеа министерот за инфраструктура Пал Лекај и министерот за сообраќај и поморство Осман Нурковиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Нурковиќ на заедничката конференција за новинарите со колегата Лекај, оцени дека денешната посета на Косово е продолжение на соработката помеѓу двете земји и потврда дека се тргнало во добар правец, а како што нагласи, најважниот проект за кој разговарале е градењето на тунелот Пеќ - Рожаје.
„За тој проект почнавме да разговараме пред година и пол, и го подигнавме на ниво на влади, имаме поддршка од премиерите на двете земји и се надевам дека ќе биде на врвот на агендата и на едната и на другата Влада што се однесува до патната инфраструктура. Вториот проект за кој разговаравме е изградбата на патниот правец Плав - Дечани, односно поврзување на Црна Гора и Косово со уште еден патен правец“, рече Нурковиќ.
Нурковиќ наведе дека е разговарано и за што побрзо укинување на граничното осигурување помеѓу Црна Гора и Косово, бидејќи тоа осигурување е препознато како бизнис-бариера. Тој рече дека укинувањето на граничното осигурување ќе влијае на зголемување на транзитот и стопанското работење, и на движењето на граѓаните од двете држави.
Црногорскиот министер нагласи дека е разговарано и за постигнување договор за соработка во областа на сообраќајот, кој треба да се подготви во текот на јуни и да се потпише во јули, со што веќе одличните политички односи меѓу двете земји само уште повеќе ќе се унапредат.
Косовскиот министер Лекај рече дека добил гаранции дека патот Дечани - Плав ќе биде направен и од црногорската страна, додека од косовската страна веќе се изведуваат работи според предвидената динамика.
Запрашан да ги прокоментира потешкотиите во правење на тој пат во делот кој поминува покрај манастирот Високи Дечани, поради противењето на Српската православна црква, Лекај рече дека тука е вмешана политиката на Белград, и оти Косово е свесно за обврските што ги презеде според планот на Ахтисариј и дека работите се изведуваат надвор од заштитената зона околу манастирот.
„Точно е дека имаше интервенција од страна на компанијата која по договор ги изведува работите, бидејќи таму секогаш се случуваат ерозии на земјиштето и ние мораме патот да го направиме прооден. Никој не треба да биде загрижен поради тоа, патиштата се тука да спојуваат и тие се во интерес на граѓаните, економскиот развој и развој на туризмот, но нема да дозволиме една институција да се загрози или на некоја институција да ѝ се даде предност“, рече Лекај.
Тој порача дека манастирот е културата на Косово, дека го бранеле граѓаните на Дечани и ќе го бранат со векови.