Adel Omeragic
28 Мај 2018•Ажурирај: 28 Мај 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Демократската партија на социјалисти (ДПС), на чие чело е новоизбраниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, вчера оствари убедлива победа во девет од вкупно 11 општини во кои беа одржани локални избори. Во ДПС истакнуваат дека вчерашниот изборен резултат е доказ за истрајност и дека граѓаните на Црна Гора го поддржуваат европскиот курс на Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на Демократската партија на социјалисти, Мило Ѓукановиќ, по синоќешниот трумф на ДПС во речиси сите општини, оцени дека победата е уште еден показател за истрајност.
„Резултатите покажаа дека граѓаните сè посилно покажуваат дека го поддржуваат европскиот курс на Црна Гора. Исто така, изборите покажаа дека граѓаните ја препознаваат одговорноста на нашата партија и нашите политики и го препознаваат човечкиот капацитет. Тука пронаоѓаме сè посилна поддршка“, рече Ѓукановиќ.
На прашањето да го прокоментира поразот на опозицијата на вчерашните избори, Ѓукановиќ изјави дека му е жал што политичката конкуренција не извлекла поука од претходните и од овие избори.
Кога станува збор за проценка на денот на изборите во однос на странското влијание, првенствено на руското, Ѓукановиќ рече дека сè уште постои тензија.
„Постои тензија, но во споредба со 2016 година, ситуацијата е многу понормална. Во сите наши изјави, ние се обидуваме да кажеме дека нашиот интерес не е глобалното заострување на односите да биде трајно. Сакаме да создадеме услови како стабилен регион да напредуваме кон целта“, изјави Ѓукановиќ.
По вчерашната победа на ДПС во девет црногорски општини, меѓу кои и во Колашин, каде што до вчера ДПС беше во опозиција, од вкупно 23 црногорски општини, ДПС е на власт во вкупно 17 независни и две градски општини.