Zylfije Adem Jakupi
29 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
ПРИШТИНА (АА) - Српската листа денес поднесе жалба до Уставниот суд на Косово против изборот на Владата на Косово во која српската заедница доби едно министерско место, додека на останатите малцински заедници им припаднаа три министерства, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Српската листа се наведува дека во име на 10 пратеници на Српската листа и на еден пратеник од Единствената горанска партија поднесена е жалба до Уставниот суд на Косово со цел заштита на интересите на српскиот народ.
„Со жалбата се оспорува одлуката на Собранието за избор на Владата во Приштина од 22 март 2021 година, во која на српскиот народ му е дадено само едно министерско место, иако според Уставот е обврзана да му додели две места. Српската листа очекува дека Уставниот суд ќе одлучува во согласност со уставното право, почитувајќи ги интересите на српскиот народ, но и на останатите малцински заедници“, се вели во соопштението.
Се наведува и дека одлуката „на Србите да им се скрати правичната застапеност во институциите на централно ниво е спротивна на сите правни акти“.
Уставот на Косово предвидува постоење на најмалку едно министерско место од српската заедница и на еден министер од останатите малцински заедници во Косово, но „доколку има повеќе од 12 министри, тогаш Владата ќе има и трет министер што ќе ги претставува малцинските заедници во Косово“.
Српската листа смета дека ѝ припаѓа уште едно министерско место затоа што нејзината пратеничка група има 11 пратеници, додека останатите малцински заедници имаат вкупно 9 пратеници.
Владата на Косово на чело со премиерот Албин Курти, избрана на 22 март, се состои од 15 министерства, во кои за првпат има министри од 4 малцински заедници, но само еден од српската заедница.
Емилија Реџепи од бошњачката Нова демократска партија е трета заменичка на премиерот за прашањата на малцинските заедници и човекови права, министер за заедници и враќање е Горан Ракиќ, претседател на Српската листа, лидерот на Турската демократска партија на Косово, Фитим Дамка, е министер за регионален развој, а министер на администрацијата на локалната управа е Елберт Красниќи од заедницата на Египќаните.