Zylfije Adem Jakupi
10 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, денеска пред членовите на Академијата на науките и уметностите на Косово ја претстави рамката на платформата на косовската Влада за дијалогот со Србија, која го чувува територијалниот интегритет на Косово и подразбира взаемно признавање, јавува Агенција Анадолија (AA).
Премиерот Хоти нагласи дека со прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година се искористени сите компромиси и дека веќе нема простор да се преговара за независноста на Косово. Тој рече дека платформата на Владата за дијалогот со Србија наложува дека дијалогот може да се води само врз основа на Уставот на Косово и дека дијалогот ќе го води тој, како премиер, како што тоа го наложува Уставот.
Како што рече, Косово влегува во дијалог со Србија со три главни начела.
„Првото начело е да не се преговара за територијалниот интегритет на Косово. Јас, ниту како граѓанин, ни како премиер, ниту сакам, ниту имам мандат да преговарам за територијалниот интегритет на Република Косово. Второ, во договорот што треба да се постигне за нормализирање на односите за взаемно признавање, а кој ќе обезбеди да исчезнат конфликтите меѓу Косово и Србија еднаш засекогаш, не може да се преговара за уставното државно уредување на Косово, и нема меѓувласт“, рече Хоти.
Како трето начело, истакна тој, договорот кој ќе се постигне мора да биде во согласност со Уставот на Косово. Хоти ги наведе и целите на Косово во дијалогот.
„Прво е меѓусебното признавање. Нема смисла ниту еден договор што не обезбедува взаемно признавање, и тоа не привремено признавање како моделот на двете Германии или други меѓународни модели споменати на различни маси, туку меѓусебно признавање кое веднаш ни обезбедува место во ОН и признавање од петте членки на ЕУ кои сè уште го немаат признаено Косово“, рече Хоти и додаде дека ова ќе му обезбеди на Косово и регуларни интеграциони процеси за зачленување во НАТО и ЕУ.
„Нашата цел“, рече косовскиот премиер, „е да ги адресираме сите отворени прашања како за исчезнатите лица, надоместот за воена штета, сукцесија на имот на поранешна Југославија, враќање на пензискиот фонд и друго. Она што е важно како животно начело во процесот на дијалогот е да се укине Резолуцијата 1244“, рече тој.
Хоти нагласи и дека за дијалог е потребен консензус во земјата и дека за таа цел ќе формира Форум на политички партии кој ќе го информира по секоја рунда од дијалогот, а повик е испратен и до опозицијата. Истакна дека во рамките на Кабинетот на премиерот ќе се формира Совет на експерти за дијалогот од различни области, кој ќе работи експертиза за премиерот. И како премиер ќе побара од Собранието да формира Комисија за дијалогот, која одблизу ќе го следи процесот на дијалогот и која ќе ја води опозицијата. Тој вети и дека процесот ќе биде целосно транспарентен.
Потсети дека неговата Влада во саботата, со укинувањето на реципрочните трговски мерки, ги отстранила пречките за продолжување на дијалогот што го бараше меѓународната заедница од Косово, и дека постои договор со главните меѓународни партнери дека процесот на дијалогот ќе започне наскоро.
Претседателот на Академијата на науките и уметностите на Косово, Мехмет Краја, во својот говор посочи дека она што досега недостасувало во процесот на дијалогот е нестабилноста на политичкиот фактор во Косово, на учесниците и неучесниците во преговарачкиот процес.
Нагласи дека дури и денес не му е јасно од каде правото на одредени политичари во име на Косово да прават компромиси, иако тоа не им го дозволува ниту Уставот, ниту пак произлегува од гласот на народот.
Тој исто така истакна дека политичките фактори во Косово мора да имаат политички консензус, и оцени дека не смее да има поделба меѓу косовските политичари на оние кои сакаат дијалог со посредство на САД, и на оние кои сакаат дијалог со посредство од ЕУ.