Zylfije Adem Jakupi
03 Март 2020•Ажурирај: 04 Март 2020
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Албин Курти, ја повика Србија да ја запре офанзивата за повлекување на признавањата на Косово, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Откако денеска министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека државата Сиера Леоне го повлекла признавањето на независноста на Косово, премиерот Курти на својот фејсбук-профил напиша дека ја повикува официјална Србија да ја запре офанзивата за повлекување на признавањето на Косово и „да се откаже од својата деструктивна политика кон Косово и неговата државност“.
„На мојата добра волја за делумно укинување на таксите на суровините увезени од Србија, со цел да се создадат услови за продолжување на дијалогот и градење конструктивни односи за соработка, Владата на Србија одговара со засилена кампања за повлекување на признавањата на независноста на Косово“, напиша Курти.
Косовскиот премиер порача дека ќе ги повика релевантните меѓународни актери, пред сè Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), како посредници во процесот за дијалог, да го засилат притисокот врз Србија да престане со непријателската политика кон Косово.
„Јасно покажавме дека имаме волја за коректен и нормален однос со Србија, но не можеме да дозволиме таа волја да се скрши. Како премиер на Косово, внимателно ќе ја разгледам создадената ситуација и ќе дејствувам во интерес на Републиката и нејзините граѓани“, наведува Курти.
Инаку, министерот за надворешни работи на Косово, Глаук Коњуфца, за новинарите пред одржување на еден настан изјави дека неговото министерство нема информации дека Сиера Леоне го повлекла признавањето, како што тврди министерот Дачиќ.
Премиерот на Косово, Албин Курти, најави дека на 15 март ќе бидат укинати 100-процентните такси за увоз на првата суровина од Србија и БиХ, а за возврат од Србија ќе се очекува да ја прекине својата кампања за повлекување на признавањата на Косово, како и укинување на нетарифните бариери за косовската економија.
Доколку Србија одговори позитивно на овие барања, Владата на Косово на 1 април целосно ќе ја укине таксата за увоз на сета стока од Србија и БиХ на 90 дена. Премиерот Курти рече дека во спротивно, на 1 април ќе започне постепено воведување на реципроцитет кон Србија.
Таксите од 100 отсто за производите од Србија и БиХ ги воведе поранешниот премиер Рамуш Харадинај во ноември 2018 година.