Admir Fazlagic
03 Март 2020•Ажурирај: 04 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче и заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, го посетија граничниот премин „Табановце“, со цел проверка на системот за превенција од коронавирусот на граничниот премин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Прес-службата на Владата на Северна Македонија соопшти дека премиерот Спасовски посочи дека се почитуваат сите насоки дадени од Кризниот штаб за контрола на секој патник којшто влегува на територијата на државата.
„Денеска сме во посета на граничниот премин „Табановце“ за да ја дадеме поддршката на полициските службеници, на Царинската управа, на Центарот за јавно здравје и на сите коишто практично се справуваат со овие состојби, наметнати од ширењето на коронавирусот. За одбележување е дека се обезбедени посебни соби за изолација на сите гранични премини каде што фреквенцијата е поголема“, рече Спасовски.
Тој им се заблагодари, како што рече, на сите институции и организации коишто го почитуваат апелот и препораката од Владата за неорганизирање поголеми собири и со тоа се намалува и ризикот од пренесување на вирусот.
„Уште еднаш апелирам да се почитуваат препораките од епидемиолозите, центрите за јавно здравје и Кризниот штаб, бидејќи сите заедно, низ еден систем којшто одлично функционира можеме максимално да бидеме заштитени. Се разбира дека оваа состојба на будност и на подготвеност, ќе трае и понатаму“, рече Спасовски.
Министерот за здравство, Филипче, исто така, истакна дека координацијата е одлична и се заблагодари на припадниците на Министерството за внатрешни работи, коишто одлично се справуваат со оваа ситуација.
„Целосно се почитува алгоритамот за справување со вакви случаи, тоа значи дека се прашува секој патник од каде доаѓа и доколку доаѓа од ризичните региони, се прави дополнително интервју дали бил во контакт со заболени лица, дали евентуално патникот има симптоми и доколку има, се упатува во посебна изолирана соба, се прави контакт со епидемиолозите од Центарот за јавно здравје, кои потоа, по потреба постапуваат според алгоритамот“, посочи министерот Филипче.
Тој информираше дека првата и единствена пациентка со констатирана заразеност хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, неколку дена е без температура и полека влегува во постабилна фаза од болеста. Исто така, министерот Филипче рече дека нема нови пациенти коишто во овој момент се тестираат за коронавирусот.