Zlatan Kapic
11 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
ПОТОЧАРИ (АА) - Денес во Поточари, по повод одбележувањето на 22-годишнината од геноцидот во Сребреница, вицепремиерот на Република Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека Турција ќе продолжи да го дава својот придонес за да не се заборави геноцидот врз Бошњаците во БиХ во 1995 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Наша човечка должност е да ја споделиме болката со вас и да бидеме тука крај вас на 11. јули, на денот кога вие во 1995 година доживеавте голема загуба. Ние тоа така го чувствуваме“, рече Куртулмуш и додаде дека денешниот ден е можност уште еднаш сите да се преиспитаме себеси.
„Бев тука пред неколку години и сѐ уште ја чувствувам таа болка. Сѐ уште ми се свежи сеќавањата. Време е да се запрашаме зошто не се прави ништо за тоа да не се повтори. На 11. јули 1995 година тука се одигра вистинска човечка драма во една современа земја во центарот на Европа. За жал, сите замолкнаа, ги затворија ушите и не го слушнаа плачот на луѓето. По подготовката што траеше со месеци, тука се случи геноцид. Оној што не го бара злосторникот за да даде сметка за извршеното, не може да биде човек што ги поддржува невините луѓе. Ние не сакаме ова сеќавање да го чуваме како извор на омраза, но мораме да побараме одговорност од злосторниците. Не се во прашање само зборови, туку е многу важно да се застане покрај жртвите наспроти злосторниците, и да се каже: ти си злосторник“, рече Куртулмуш.
Тој потсети на зборовите на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, дека Сребреница е една од најтемните дамки во историјата на Обединетите нации (ОН), и рече дека тоа е добра, но нецелосна изјава, бидејќи Сребреница е една од најтемните дамки во историјата на целото човештво.
„Како ќе ја отстраниме таа дамка? Со изведување на злосторниците пред лицето на правдата, што ќе овозможи сите одговорни да одговараат пред судот. Тоа значи дека ќе поддржиме сѐ што се работи со таа цел, ќе дадеме наш придонес она што се случувало во Сребреница никогаш да не се заборави, но и да се создаде многу силен систем којшто никогаш нема да дозволи одговорните да ја избегнат одговорноста“, рече Куртулмуш.
Тој истакна дека одлуката на судот во Холандија, во процесот во врска со одговорноста на холандските војници за убивањето на сребреничани, иако е делумна, сепак е одлука што малку ја ублажи болката на семејствата на жртвите.
„БиХ не може врз основа на омраза да ја гради својата иднина. Ние тука не зборуваме за Сребреница за да ја одржуваме омразата кај живите. Мораме да не ја заборавиме за слични нешта во иднина никогаш да не се случат. И покрај големиот број жртви, БиХ е стабилна и силна држава. Ние ја гледаме Босна и Херцеговина како дел од нас. Доколку ви се случи нешто вам, во кој било дел од БиХ, во Сараево, Сребреница или во кој било друг град, знајте дека ние ја чувствуваме вашата болка во Бурса, Истанбул, Анкара... Сета ваша болка е и наша болка“, порача Куртулмуш, вицепремиер на Турција.