Bojana Stojanovic
05 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Србија може да стане членка на Европската Унија (ЕУ) само ако се дојде до успешно решение меѓу Србите и Албанците за прашањето на Косово, изјави денес австрискиот канцелар Себастијан Курц во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, Курц рече дека од пресудно значење е дијалогот не само да продолжи, туку и да се дојде до успешно решение.
„Пристапот во ЕУ може да се реализира само ако дијалогот дојде до решение, затоа е сосема пресудно, од моја гледна точка, тој дијалог да биде успешно завршен и затоа ги молам граѓаните да ги поддржат политичарите на тој пат“, рече тој.
Според него, за членките на ЕУ и Австрија е важен мирниот соживот и дека сега единствена можност е минатото да остане минато и заедно да се тргне кон иднината.
„Јас многу се надевам дека таков успех е можен затоа што како пријател на регионот убеден сум дека овој регион треба да стане дел од ЕУ, и затоа ќе кажам дека ЕУ може да биде целосна само со земјите од Западен Балкан“, додаде тој.
Австрискиот канцелар рече дека ставот на Австрија е јасен - дека доколу во регионот дојде до решение кое долгорочно може да обезбеди мир, тие ќе го поддржат тоа.
„Тоа, како што ми се чини, е и став на мнозинството во ЕУ. Не може да биде задача на ЕУ во ваков клучен процес да биде пречка, туку активна поддршка, но свесни сме дека тоа е долг пат“, додаде тој.
Тој истакна дека Австрија како претседавач на Советот на ЕУ, прави сè за земјите од Западен Балкан, особено Србија да ги приближи кон Европската Унија, додавајќи дека се надева оти во оваа половина од годината ќе бидат отворени дополнителни поглавја во преговорите со ЕУ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека му е благодарен на австрискиот канцелар што се грижи за Србија, и дека и двајцата знаат дека „мирот и стабилноста се услов за понатамошен напредок, како на Србија, така и на целиот регион".
„Благодарен сум за фактот дека Австрија го поддржува секое решение до кое би можеле да дојдат двете страни. Ние сметаме дека изнаоѓањето компромисно решение е најдобро за Србија, иако мал број граѓани го поддржуваат тоа“, рече Вучиќ.
Како што објасни, добро е што Курц отворено рекол дека предуслов за влез во ЕУ е успешното завршување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
Запрашан кога ќе продолжи дијалогот, Вучиќ рече дека не знае, но дека секогаш и во секој момент се подготвени да го продолжат дијалогот.
На прашањето дали ќе оди во Париз по повод стогодишнината од потпишувањето на примирјето во Првата светска војна, а откако во катедралата Нотр Дам беше истакнато знамето на Косово, Вучиќ одговори дека ова се случува секаде, прашувајќи дали тоа е причина да не оди никаде.
„Сакате Србија да не биде претставена во Париз, земја која најмногу страдаше за време на Првата светска војна, да не бидеме претставени таму, кажете ми само што сакате од Србија. Ќе му кажам на Макрон дека не ми се допаѓа, но што, тоа е причина да не одам таму, што е смислата на она што го бараат, да не разговараме со никого, да ја затвориме Србија, да не тргуваме со никого, затоа што постојано сме навредени“, праша Вучиќ.