Admir Fazlagic
07 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, порача дека ЕУ ќе биде комплетна тогаш кога во неа ќе биде интегриран Западен Балкан, и ги повика граѓаните на Македонија да учествуваат на претстојниот референдум, да се изјаснат за решавање на спорот со името и за европската перспектива, јавува Anadolu Agency (AA).
Со свечена церемонија Курц денеска беше пречекан во Владата на Република Македонија од страна на премиерот на земјата, Зоран Заев. По одржаната средба помеѓу канцеларот Курц и премиерот Заев, беше организирана и заедничка прес-конференција.
Курц истакна дека Австрија е најважниот инвеститор во Македонија, како и тоа дека таа е пријател на Македонија и на комплетниот регион. Тој рече дека го делат мислењето дека сите држави на Западен Балкан го имаат своето место во Европската Унија (ЕУ), како и тоа дека ЕУ ќе биде комплетна тогаш кога во неа ќе биде интегриран Западен Балкан.
Според канцеларот Курц, за Македонија решението на спорот за името е голема шанса да се дојде до динамика за Македонија, но и за комплетниот регион.
„Срдечно да го поздравам тоа што е постигнат компромис на ова поле. Би сакал граѓаните на Македонија да учествуваат на овој референдум, и пред сѐ, да се изјаснат за решавање на спорот со името и за европската перспектива. Секако, тоа е одлука на секој поединец, и навистина не е мое да одлучувам за некој друг, но како пријател на Македонија и како активна земја членка на Европската Унија, ние ќе сметаме дека би било многу позитивно, доколку има високо големо учество и позитивен исход на референдумот“, порача Курц.

Прашан каква е неговата порака до опозициската ВМРО-ДПМНЕ со која се сестрински партии во ЕПП, канцеларот Курц рече дека е сосема иста како и до граѓаните. Порача дека е важно Македонија и балканските држави да имаат европска перспектива и да ја искористат, а дел од тоа е и решавањето на прашањето за името.
Премиерот на Република Македонија Зоран Заев му се заблагодари на канцеларот Курц за неговата посета на Македонија, истакнувајќи дека поддршката на Австрија за земјата дошла во период на изнаоѓање решение за спорот за името со Грција.
Како што истакна тој, со постигнатиот Договор во Преспа се отворија вратите за полноправно членство на Македонија во НАТО и за почеток на преговори за членство со ЕУ.
„Вашата посета е силна порака и поттик за нас, во пресрет на референдумот на кој граѓаните на нашата земја ќе ја изберат иднината, ќе го дадат својот глас за одобрување на Договорот со Грција, со кој ни се гарантира нашето место во ЕУ и во НАТО. Вашата посета ни ја упатува пораката дека Република Македонија се врати на вистинскиот пат, на европскиот пат“, рече Заев, додавајќи дека светот го препознал обновеното чувство на оптимизам, отвореност, енергија и надеж, кои ги споделуваат граѓаните на Македонија.
Заев додаде дека Австрија е еден од најзначајните економски партнери, чии компании се најголеми инвеситори во Македонија.
Прашан за тоа што ќе се случи доколку Договорот за решавање на спорот со името не помине во Грција, премиерот на Македонија рече дека очекува двете земји да си го завршат својот дел од работата и тој да биде ратификуван во грчкиот Парламент, и со тоа процесот целосно да биде завршен.