Zylfije Adem Jakupi
26 Декември 2022•Ажурирај: 27 Декември 2022
ПРИТШИНА (АА) - Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) соопшти дека се истражува инцидентот што се случи синоќа кај Зубин Поток, во северниот дел на Косово, и дека се планирани состаноци со сите страни во врска со барикадите поставени во северниот дел на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од КФОР наведуваат дека се истражува инцидентот од 25 декември со индиректен оган во непосредна близина на патролата на НАТО-КФОР.
„Во инцидентот учествувале непознати вооружени лица, повредени и материјална штета немаше и се работи на расветлување на случајот“, соопшти КФОР.
Се истакнува дека бидејќи се планирани состаноци со сите страни, во моментов е важно сите вклучени да избегнуваат каква било реторика или активности кои би можеле да предизвикаат тензии и ескалација на ситуацијата.
Претходно министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла во врска со истрелите во неделата вечер во близина на патролата на КФОР која дежурала во близина на Зубин Поток во северниот дел на Косово, наведе дека продолжуваат игрите на претседателот на Србија Александар Вучиќ и неговите „злосторнички инструменти“.
„Тие првично изјавија дека во Зубин Поток дошло до вооружен судир што го предизвикала Косовската полиција и нејзините специјални сили, меѓутоа, откако сфатија дека криминалните банди што тој ги поддржува го нападнале КФОР, се трудат да ги демантираат сите напади“, напиша Свечла на социјалната мрежа Фејсбук.
Тој додаде дека барикадите мора веднаш да се отстранат и дека Србија мора да престане да ги организира и поддржува нелегалните криминални структури кои посакуваат да го дестабилизираат Косово.
Локалните Срби веќе две недели со тешка машинерија ги блокираат патиштата во северниот дел на Косово поради приведувањето на Дејан Пантиќ, поранешен припадник на Косовската полиција, осомничен за напад на службениците на Централната изборна комисија на Косово. Неколку дена подоцна, приведен е и Слаѓан Трајковиќ, уште еден поранешен припадник на Косовската полиција, кој е обвинет за терористички акти. На двајцата им е одреден притвор во траење од 30 дена.
Косовската полиција на 10 декември, кога се поставени барикадите на патиштата, ги блокираше за движење на луѓето и стоката двата гранични премини во северниот дел на Косово, Јариње и Брњак.
На приведувањата и барикадите им претходеа инциденти во северниот дел на Косово поради подготовките на косовската власт за одржување на вонредни избори во четири општини со српско мнозинство во северниот дел на земјата, кои потоа се одложени за април следната година.
Вонредните избори беа распишани откако српските претставници ги напуштија косовските институции, вклучувајќи ги и институциите на полицијата и правосудството, поради одлуката на косовската Влада за задолжителна пререгистрација на возилата со стари српски таблички во таблички РКС. Владата на Косово по излегувањето на Србите од институциите и големиот притисок од страна на меѓународната заедница, одлуката за табличките ја одложи на неодредено време.