Kemal Karadağ
24 Октомври 2019•Ажурирај: 25 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - КЕМАЛ КАРАДАГ -
Во рамките на проектот „Меѓународна мрежа за трансплантација на органи“, турските лекари кои се наоѓаат во Северна Македонија се состанаа со своите колеги и разговараа за соработката во областа за трансплантацијата на органи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на проектот „Меѓународна мрежа за трансплантација на органи“ поддржан од Истанбулската агенција за развој, координиран од Турската фондација за трансплантација на органи, делегација од Турција денеска ја посети Универзитетската болница во Скопје.
Делегацијата се состои од претставници од Универзитетот за здравствени науки, Универзитетот „Анкара“, Здружението на координатори за трансплантација на органи, Здружението за здравствена дипломатија и од Здружението за интензивна нега.
Делегацијата предводена од претседателот на Фондацијата, Ејуп Кахвеџи, одржа состанок со докторите и медицинскиот персонал во болницата. Кахвечи, истакнувајќи дека Турција има значаен успех и искуство во областа на трансплантацијата на органи, се осврна на работата на Фондацијата.
Кахвеџи, пренесувајќи ги последните случувања во областа на здравството, рече дека хуманитарните услуги на турската Влада се многу значајни.
Тој исто така посочи колку е важно во областа на здравството и во однос на размената на информации и искуствата за трансплантација на органи да се подобрат односите меѓу Северна Македонија и Турција.
Истакнувајќи дека денеска турските лекари ќе имаат презентација на Конгресот за интензивна нега, Кахвеџи рече дека по предавањето за трансплантација на органи ќе бидат споделени информации.
Македонските лекари исто така ја изразија својата подготвеност за соработка со пријателската земја Турција на сите нивоа.
- Средба со двајца министри
Кахвеџи и неговата делегација потоа имаа средба со министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче. На средбата е повторен предлогот за соработка во областа на трансплантацијата на органи.
Турската делегација, исто така имаше средба и со министерот Елвин Хасан, задолжен за странски инвестиции.
Во турската делегација учествуваше Јавуз Селим Чинар, претседателот на Здружението за координатори на трансплантација на органи, членови од Универзитетот „Анкара“ и Универзитетот на здравствени науки, претставници од Министерството за здравство на Турција и доктори.