Necva Taştan Sevinç
11 Септември 2026•Ажурирано: 11 Септември 2026
Високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, ја поддржа забраната за трговија на блокот со нелегалните израелски населби на окупираните палестински територии, нарекувајќи ја оправдан „принципиелен став“, пренесува Анадолу.
Во интервју за „Ајриш тајмс“, Калас рече дека постои широк договор меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ дека проширувањето на израелските населби го прекршува меѓународното право.
„Кога Крим беше окупиран, тогаш беше многу јасно - тоа е нелегално, ние не го признаваме ова“, рече таа. „Треба да го имаме истиот принципиелен став - знаете дека ова е нелегално, сите се согласуваат, затоа треба да престанеме да тргуваме со окупираните (палестински) територии“.
Калас рече дека забраната на ЕУ за увоз од израелските населби нема да бара едногласна поддршка од сите 27 земји членки.
Со оглед на тоа што предложената забрана би можела да се воведе како трговска мерка, а не како одлука за надворешна политика, таа ќе бара квалификувано мнозинство од најмалку 15 земји членки што претставуваат приближно две третини од населението на блокот.
ЕУ претходно се бореше да ги одобри санкциите против Израел бидејќи мерките за надворешна политика бараат едногласност.
Калас истакна дека Европската комисија била под „многу јасен“ притисок од националните влади да предложи забрана за трговија со населбите и дека министрите за надворешни работи на ЕУ чекаат извршното тело на блокот да дејствува.
„Иако обемот на трговија со продукти со потекло од израелските населби е под рестрикција, забраната ќе даде важна симболична порака“, додаде таа.
Калас призна дека земјите членки имаат различни позиции за односите со Израел и рече дека има „добри и лоши страни“ за дејствување пред парламентарните избори во Израел на крајот на октомври.
Таа додаде дека членките на ЕУ се согласни во поддршката на дводржавното решение и во обезбедувањето хуманитарната помош да стигне до Палестинците без да биде политизирана.