Zülfiya Yakup
23 Октомври 2017•Ажурирај: 23 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Според податоците на мрежата невладини организации „Демократија на дело“ (DnD), во најголем дел од 38-те косовски општини ќе се спроведе втор круг на гласање за претседатели на општините, јавува Anadoli Agency (AA).
Демократскиот сојуз на Косово (LDK), на Иса Мустафа, според „Демократија на дело“ освоил најмногу гласови на национално ниво, додека Демократската партија на Косово (PDK), на Кадри Весели е втора, а Движењето „Самоопределување“ е трето.
Втор круг нема да се одржи во следните општини со албанско мнозинско население: Липњањ - ЛДК, Јуник- Алијансата за иднина на Косово (АИК), Косово Поле и Витина-ЛДК, Дечани - АИК, Глоговац - ПДК, додека во двете големи општини, Пеќ и Подујево, кандидатите на ЛДК се на половина од гласовите, па мора да се почека завршувањето на пребројувањето.
Во главниот град Приштина во вториот круг влегуваат актуелниот претседател Шпенд Ахмети од Движењето „Самоопределување“ (44,46) и Арбан Абраши од Демократскиот сојуз на Косово (35,54), врз основа на пребројани 87 отсто од гласовите.
Во Призрен, вториот по големина град по Приштина, води Демократската партија на Косово со 29,66 отсто од гласовите, втор е кандидатот на „Самоопределување“ со 22,7, додека трет е кандидатот од Демократскиот сојуз на Косово со 19,8 отсто, врз основа на пребројаните 86,8 отсто од гласовите.
Во Скендерај и Елез Хан победија независни кандидати.
Во 9 од 10 општини со српско мнозинско население веќе во првиот круг победија кандидатите од „Српската листа“ и тоа во Северна Митровица, Звечани, Лепосавиќ, Зубин Поток, Партеш, Ранилуг, Ново Брдо, Грачаница и Штрпце, додека во Клокот ќе се оди на втор круг гласање, каде што исто така води кандидатот на „Српска листа“.
Во една општина со турско мнозинско население, Мамуша, во првиот круг победи Турската демократска Партија на Косово.
Според податоците на Централната изборна комисија, излезноста на изборите изнесувала 43,82 отсто од регистрираните гласачи.