Admir Fazlagic
08 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на денешната прес конференција го најавија првиот Дигитален Самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи во Македонија на пролет следната година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Македонија како домаќин на Самитот се наметнува како активен чинител во сферата на регионалната соработка.
„Како една од приоритетите цели и предуслов за одржлив развој е потребата од инфраструктурно поврзување. Градењето мостови на соработка не треба да биде само декларативна заложба. Но покрај патишта, пруги и коридори, треба да иницираме и мостови на електронско поврзување. Воспоставувањето единствен дигитален пазар е еден од врвните приоритети на ЕК за периодот 2015-2019. Дигиталната агенда е важна и за нас. Дигитализацијата ќе овозможи низа нови можности и перспективи, ќе не направи покомпетитивни, ќе минимизира низа бариери и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните, индустријата и бизнис заедницата“, истакна министерот Димитров, осврнувајќи се на важноста од организирање на ваков настан.
„Да се надеваме дека Самитот ќе биде предвесник на нови можности и перспективи во дигиталниот свет. Во реалниот свет, наредната пролет очекуваме нови перспективи на нашиот пат кон Брисел, и за ЕУ и за НАТО. Тоа е добро и за нас и за регионот“, истакна Димитров.
Министерот Манчевски се осврна на предвидениот концепт и теми за Дигиталниот Самит.
„Според предлог концептот презентиран на состанок во Регионалниот совет за соработка во Сараево, Дигиталниот Самит ќе трае два дена, а ќе бидат опфатени неколку теми како што се: Дигитални мрежи и услуги, поврзување и пристап, доверба и безбедност, дигитални вештини и дигитална економија и општество. Овие теми ги обединува дигитализацијата, четвртата индустриска револуција каде неизбежен дел се и лажните вести. За предизвиците во оваа област предвидуваме посебна работилница“, информираше Манчевски на денешната прес конференција.
- Димитров: До крајот на ноември средба на преговарачите за спорот за името
На денешната прес конференција на којашто беше најавено одржување на дигитален Самит на Западен Балкан, чиј домаќин следната година ќе биде Република Македонија, министерот за надворешни работи на Републиа Македонија Никола Димитров најави дека до крајот на ноември ќе се одржи средба на преговарачите за спорот со името со Грција.
„До крајот на овој месец ќе се одржи средба на ниво на преговарачи во врска со спорот за името. При крај сме со утврдување на датумот. Во оваа прва фаза нема да има посета на медијаторот Метју Нимиц на регионот. Најверојатно тоа ќе биде овој месец и штом сето тоа се дефинира ќе информираат од канцеларијата на медијаторот", истакна Димитров одговарајќи на новинарско прашање околу изјавата на американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Брајан Ји дека решавањето на прашањето на спорот со името е досега најблиску до изнаоѓање решение.
Шефот на македонската дипломатија Димитров посочи дека постои обид да се создаде една позитивна клима, која според него, се должи на научената лекција со Македонија која беше оставена долго време да чека во чекалната на ЕУ.